ВИДЕО: Вакцините од Астра Зенека што дојдоа во Македонија, имаат рок на траење до 31 мај

epa09108289 Old people wait as member of Red Cross checks the list for vaccination with Vaxzevria (formerly Covid-19 vaccine AstraZeneca) against COVID-19 during the vaccination at "Buchurest Polyclinic" in Skopje, Republic of North Macedonia, 31 March 2021. North Macedonia has started mass inoculation against COVID-19 with 24,000 doses of the Vaxzevria (previously COVID-19 Vaccine AstraZeneca) vaccine, which arrived in Skopje on 28 March through the World Health Organization (WHO) COVAX program. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

До кога е рокот на траење на пратката од 24 илјади вакцини од производителот АстраЗенека кои во неделата пристигнаа на скопскиот аеродром а со кои почна имунизацијата на граѓаните кои се на возраст над 77 години?

Од Министерството за здравство за Слободен печат велат дека вакцината Астра Зенека има рок на траење од шест месеци откако ќе се произведе.

,,Дозите на вакцини кои стигнаа во нашата земја, се со рок на траење до јуни 2021 година, односно заклучно со 31 мај 2021 година”, ни рекоа од Министерството за здравство.

Вакцината од оваа пратка покрај за повозрасните од 77 години кои добиле термин за неа преку матичните лекари, е наменета и за вработените од критичната инфраструктура, односно АРМ, МВР, учителките, возачите на ЈСП, новинарите.

За таа цел се прават и доставуваат списоци од вработените кои изразиле желба да бидат вакцинирани. Од МВР за Слободен печат велат дека заклучно со вчера интерес за вакцинација изразиле 3787 вработени во МВР и потпишале изјава за согласност. Се очекува до крајот на неделата да се пријават и други. Во Армијата се пријавиле 1.700 припадници, а Здружението на новинарите уште ги комплетира списоците, но претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски вели дека интерес има во сите редакции.

Во меѓувреме вакцината на АстраЗенека во земјава не се дава на лица кои се помлади од 60 години како мерка на дополнителна претпазливост. Во Германија и Канада вакцинацијата со Астра Зенека престана да се спроведува за помлади од 60 години зашто се испитува дали тромбозата што се јавила кај некои од луѓето што ја примиле, има причинско последична врска со самата вакцина.

Националната техничка работна група за КОВИД 19 вакцинација ги следи сите информации во однос на ефикасноста и безбедноста на сите вакцини вклучително и на вакцината на АстраЗенека. Во тек на вчерашниот ден беа разгледани ставовите на Германија и Канада, чии здравствени регулаторни тела одлучија оваа вакцина привремено да ја користат само кај популација постара од 60 односно 55 години. Овие одлуки ги темелат на појава на многу ретки случаи на згрутчување на крвта, вклучувајќи и ретки случаи на тромбоза на церебрален венски синус кај лица кои ја примиле вакцината на АстраЗенека. Во моментов од страна на Европската агенција за лекови и Светската здравствена организација нема промена на официјалните препораки во однос на возрасните групи кои може да ја примаат вакцината на Астра Зенека. Засега најголем број на европски држави продолжуваат со вакцинацијата на цела популација со вакцината на АстраЗенека.

,,Будно ќе ја пратиме состојбата и новите информации во однос на употребата на вакцината на АстраЗенека, а како мерка на предпазливост во следните денови до добивање на официјални препораки и ставови, вакцината на АстраЗенека во нашата држава ќе се употребува само кај популација постара од 60 годни. Бенефитот од вакцинацијата неколку кратно е поголем од ризикот на истата, и вакцините остануваат единствен начин за сузбивање на пандемијата. Досега од вакцината на АстраЗенека се дадени над 15 милиони дози и бројот на несакани реакции и изворедно мал”, велат од Националната група за ковид 19 вакцинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот