Вајли го напушти Реал Бетис, прифати понуда да игра во Јапонија
Џејкоб Вајли со успех ја заврши својата полусезонска обврска како играч на Реал Бетис. Беше еден од најзаслужните што екипата од Севиља успеа во обидите да стигне до опстанокот во најсилната европска лига.
Препорачано
Силното крило на македонската сениорска репрезентација заедно со „зелено-белите“ го прослави големиот, за нив, успех, и веднаш замина за САД.
Но, нема да биде долго време дома, затоа што во текот на вчерашниот ден на негова адреса стигна понуда да заигра во „земјата на изгрејсонцето“, и еден од организаторите на наредниот Светски Куп – Јапонија.
– Добив понуда која навистина ме заинтригира, и решив да ја прифатам. За мене ќе биде посебен предизвик да играм во земја каква што е Јапонија. Веќе во август сум таму, отворам едно ново поглавје во мојата интернационална кариера – потврдува Вајли за овој несекојдневен трансфер.
Вајли, кој оваа сезона која е пред крај ја „подели“ на два дела, првиот како играч на Будуќност од Подгорица, а втората како дел од екипата на Реал Бетис од Севиља, ќе настапува за Б1 лигашот Шига Лејкстарс.


