„Утрински брифинг“: Резултатот на изборите во Хрватска е последица на судирот во десницата
Исходот од вечерашниот прв круг од изборите во Хрватска е последица од длабоката поделба внатре во десницата, дебатираа во утринската емисија „Утрински брифинг“ за „Слободен печат“, новинарите Сашо Ордановски и Дејан Андоновиќ.
Препорачано
Кандидатот на социјалдемократите и поранешен премиер Зоран Милановиќ победи во првиот круг на претседателските избори во Хрватска. Тој за две недели, на 5 јануари 2020 година, во вториот круг на гласање за претседател тој ќе се пресмета со претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ.
Од вкупно 3.831.389 гласачи, Милановиќ освоил 29,5 отсто од гласовите (542.225), Грабар-Китаровиќ има 26,7 отсто или (493.195), а на третото место е независниот кандидат, пејачот Мирослав Шкоро кој ги застапуваше националистичките позиции, со 24,4 проценти од гласовите.
Во првиот круг на изборите, Грабар-Китаровиќ ги загуби најголемите четири града во Хрватска, и бележи пад во освоените гласови и поддршка во споредба со претседателските избори од пред пет години, кога успеја да го победи тогашниот претседател Иво Јосиповиќ.
Додека Шкоро го освои Осиек, Милановиќ беше подобар во Загреб, Риека и Сплит.
Медиумите во Хрватска пишуваат дека на овие избори Хрватска се поделила на три дела, односно Милановиќ имал истакната поддршка во Загреб, Истра и Каварнер, Грабар-Китаровиќ во Далмација и дел од општините на средниот дел на Хрватска, додека Шкоро истокот на земјата со Осиек, Вуковар и Бјеловар.
– Хрватска по вчерашниот прв круг од претседателски избори покажа дека оди кон „десно“. Се следи трендот на победата на десничарите и ултрадесничарите во Европа. Исходот од изборите е резултат на длабоката поделба во хрватската десница, поделба која резултираше на поделба на гласачите меѓу Грабар-Китаровиќ и Шкоро – вели аналитичарот Дејан Андоновиќ за „Утрински брифинг“.
Андоновиќ додава дека СДП и Милановиќ имале хомогенизирано гласачко тело собрано околу партијата, а поделбата во десницата покажала како многу подлабока и тесна трка меѓу ХДЗ со Китаровиќ и Мирослав Шкоро, кој себеси се претставува како националист и радикален десничар.
Китаровиќ веднаш по соопштувањето на резултатите од првиот круг изјави дека третопласираниот Шкоро бил противник од нејзиниот политички спектар, додека левоориентираната СДП немала таква проблеми.
– Со сигурност исходот од вториот круг на претседателските избори ќе зависи од десницата. Сега двајцата кандидати ќе одат во трка на добиање на гласачите на третопласираниот Шкоро на кои Колинда се надева – констатира Андоновиќ.
Овој резултат и исходот од изборите дополнително му создава проблеми на лидерот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ кој веќе има внатре-партиска борба за лидерското место во ХДЗ. Доколку Колинда загуби за две недели, тогаш со сигурност завршува неговата лидерска позиција на ХДЗ.
Шкоро најави дека овој резултат само покажува што ќе се случува понатаму, ветувајки дека ќе излезе на следните паралментарни избори и ќе победи.


