Премиера на филмот „Утре наутро“ од Јани Бојаџи / Фото: Слободан Ѓуриќ - Слободен печат

„Утре наутро“ – новиот филм на Јани Бојаџи премиерно на 19 ноември во Скопје

На 19 ноември во Синеплекс премиерно ќе биде прикажан новиот филм на режисерот Јани Бојаџи, „Утре наутро“. Филмот, посветен на сите жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат своите семејства и заедници, претставува политичка драма инспирирана од вистински настани, со фокус на последиците од одлуките што ги носат „главите на семејствата“, татковци од различни етнички и религиски заедници.

Премиера на филмот „Утре наутро“ од Јани Бојаџи / Фото: Слободан Ѓуриќ – Слободен печат

Во филмот учествуваат над 75 актери, а се зборува на македонски, ромски и англиски јазик. Освен филмската верзија, ќе следи и ТВ-серија во пет епизоди. Улогите ги толкуваат Нина Деан, Ирена Илиевска, Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев и Бајрам Северџан, кој истакна дека филмот ги прикажува Ромите во ново, позитивно светло, како образовани и активни членови на општеството.

– Овој филм е моја лична опсервација на луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме сите ние. Мене живо ме интересира кој се тие луѓе. Зашто нивната реалност, иако често затворена за јавноста, е реалност што нè засега сите – бидејќи ние ги носиме последиците од нивните потези. Сакав да направам приказна во која ќе зборувам за тоа што се случува ‘по големите настани’, по политичките потреси, што се случува зад затворени врати, во домовите, со семејствата. Затоа овој филм е фикција, но е базиран на вистински настани, и тоа на периодот меѓу 2014 и 2017 година, со кулминација на фаталниот 27 април 2017. Но не се фокусирам само на настанот, туку на прашањето – што потоа? Какви се последиците? Кој ги носи? И најчесто, тоа се жените – изјави Бојаџи на денешната прес-конференцијата.

Премиера на филмот „Утре наутро“ од Јани Бојаџи / Фото: Слободан Ѓуриќ – Слободен печат

Според него, центарот на филмот се луѓето и нивната човечност, пред сè изразена преку актерската игра.

– Имав среќа да работам со над 75 актери, и за мене беше клучно да работам со добри актери, но уште поважно – со добри луѓе. Снимањето траеше 75 дена и беше исклучително задоволство. Сметам дека филмот се темели на човечко присуство, на искреност во играта, и тоа е она што го прави моќен – додаде Бојаџи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот