Фото: Слободен печат

Уставниот суд ја укина спорната урбанистичка одлука на Општина Тетово, нема веќе цртање градежни линии „од око“

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која ја укина како неуставна и незаконска спорната Одлука за урбанистичко планирање донесена од Советот на Општина Тетово во јуни 2024 година. Одлуката на Судот следи по иницијатива поднесена пред една година од страна на поранешниот директор на Комисијата за односи со верските заедници, тетовецот Даријан Сотировски.

​Според подносителот на претставката, оваа судска одлука претставува значајна победа која става крај на обидите за воспоставување паралелен систем за урбанистичко планирање во Тетово, кој бил во директна спротивност со државните закони.

„Ова е мала и значајна победа и таа:
-Оневозможува паралелен систем за урбанистичко планирање спротивен на државниот
-Оневозможува оживување и злоупотреба на станбените заедници кои постоеле во минатото.
-Оневозможува ориентациони параметри за објектите за спроведување на ДУП
-Оневозможува утврдување на градежна линија со записник на лице место по „око“, како и тоа дека истата може да се менува
-Оневозможува просторот под кровната конструкција да се пренамени во станбен спротивно на важечкиот ДУП.
-Оневозможува градење на објекти со мала површина од 420м2 во намена А1 – станбени куќи со дури 8 станбени единици (станови), а со цел изигрување на правилата што е куќа, а што зграда со намена А2.
-Оневозможува дерогирање на утврдените висини на градење во ДУП.
-Оневозможува дозволување на компитабилна намена Б1 во објекти со класа на намена А1кога со урбанистички план истото не е дозволено.
-Оневозможува примена на подзаконски акти спротивно на уреденото со Закон.
-Оневозможува Советот на Општина Тетово да преземе улога на Собрание на Република Македонија и да носи одлуки кои ги заменуваат законите донесени од Собранието“, напиша Сотировски во објава на социјалните мрежи.

​„Како граѓани можеме со мали чекори секојдневно да му служиме на јавното добро. Советниците и пратениците кои се платени и избрани не само да му служат, туку и да се борат за јавното добро, нека продолжат да молчат и да ги одобруваат глупостите кои секојдневно го уништуваат Тетово. А, да, одвреме-навреме нека продолжат да објавуваат слики со градоначалникот Билал Касами“, додава Сотировски во објавата.

Уставниот суд поведе постапка за урбанистичкиот план во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот