Уставниот суд поведе постапка за урбанистичкиот план во Тетово
Уставниот суд ќе одлучува за тоа дали одлука на Општина Тетово во врска со урбанистичкиот план на градот е во склад со Уставот и законите, информира подносителот на иницијативата, поранешниот директор на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски.
Препорачано
„На денешната седница судот ја прифатил мојата иницијатива поднесена пред една година и одлучил да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план бр.08- 7099/17 од 12.06.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен весник на Општина Тетово“ бр.7/2024)“, пишува Сотировски во објава на социјалните мрежи.
„Очекувам Уставниот суд да ја поништи неуставната и незаконска Одлука на Советот на Општина Тетово, кој си мисли дека е Парламент и може да уредува законска материја спротивно на постоечките закони и македонскиот Устав. Оваа и неколку други одлуки на Советот овозможуваат лесен и непречен пат на урбаната мафија и корумпираните носители на функции за свој интерес да го газат јавниот интерес, односно интересот на сите нас граѓаните. Затоа имам поднесено повеќе иницијативи кои чекаат во фиоките на Уставниот суд. За разлика од социјализмот како систем во кој друг (државата) мислел за нашето јавно добро, во капитализмот мораме да разбереме дека секој на свој начин е повикан да се бори за јавното добро, инаку капиталот не голта безмилосно сите“, вели тој во објавата.


