ВИДЕО | Уставниот суд вклештен помеѓу правото и политиката

Седница на Уставен суд / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Уставниот суд, кој има клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста на државата, повеќе од една година работи без четворица судии од предвидени деветмина. Токму проблемите со кој се соочува ова тело од кое зависи правусудството и уставниот поредок во земјата, беше и темата на денешната средба која претседателката на судот Добрила Кацарска ја свика и разговараше со државниот врв

Уставниот суд од почетокот на годинава работи со петмина наместо деветмина судии, колку што е неопходно според Уставот. Точно една година како им истече мандатот на тројца од четири испразнети места во Уставниот суд. Во мај минатата година им завршија мандатите на тројца судии кои се и поранешни претседатели на Уставниот суд, Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски.

Во меѓувреме, во Уставен се испразни и четвртото столче, бидејќи кон средината на јануари годинава заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Претседателот Стево Пендаровски пред денешната средба со Кацарска при гостувањето во „Утрински Брифинг“ истакна дека работењето на Уставниот суд е суштината на заштитата на интересите на граѓаните.

– Ваква постава да биде свикана се случува само на Совет за безбедност. Судијката Кацарска нѐ повика да нѐ информира за тешката состојба во која се наоѓа Уставниот суд. Главниот проблем е што нема доволно судии, а наскоро нема да има ни кворум затоа што уште еден уставен судија заминува во пензија. Причината за тоа е што имаме блокада на Собранието веќе подолго време, само што е официјализирана од неодамна, а поентата на опозицијата е да има предвремени избори, вели Пендаровски.

Шефот на државата Пендаровски стравува дека со инсистирањето на опозицијата на свои кандидати може да се случи партизација на Уставниот суд.

Од друга страна, поранешниот претседател на Уставен Суд Трендафил Ивановски смета дека состојбата со функционалноста на Уставниот суд е отсликување на состојбите во општеството.

– Имаме таква состојба да Уставниот суд не ја остварува законитоста и уставноста на државата. За таквата состојба е виновно самото Собрание што скоро година дена непотребно го одоговлекува изборот на новите уставни судии за партиски цели запоставувајќи ја грижата на државата за остварување на уставноста. Со оглед на тоа оваа денешна средба е со закаснување иако претседателата на Уставниот суд Кацарска прави обиди да се реанимира и реактивира работата на Уставниот суд час побрзо – вели Ивановски.

Ивановски додава дека ваквата состојба со функционалноста на Уставниот суд е отсликување на состојбите во општеството а доколку не се превземат итни чекори ни престои уставна криза во земјава.

„Ваквите состојби се резултат на несериозноста најмогу на политичките чинители во земјава. Тука зборам за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДМ но и останатите. Целиот систем но и Уставниот суд е ставен на климави нозе токму поради интересите на политичките партии и нивните калкулации – посочува Ивановски.

Во меѓувреме претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, изминатиот период повеќе пати алармираше за ваквата ситуација која досега не наиде на разбирање од политичките чинители во земјава и Собранието.

„Овој проблем е на штета на граѓаните, но и за угледот на државата во очите на меѓународната јавност и затоа апелирам Уставот да се почитува. Ова не се рефлектира само врз работата со предмети туку и на можноста за реформи во судството, како што е донесување на нов акт во кој се предвидени промени. Само да потсетам дека судот работи со Деловник стар 30 години донесен во 1992 година“ рече денес Кацарска.

И додека пратениците се надмудруваат а државниот врв се состаночи, Уставнииот суд „кубури“ со кадри. Според експертите ваквата состојба може да биде вовед во една уставна криза а едно одговорно општество не смее да си допушти Уставниот суд, највисоката институција во заштитата на слободите и правата од аспект на заштита на законитоста и уставноста да не може да функционира.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот