Уште еден англиски клуб се двоуми околу Суперлигата, битката за милијардите може да се префрли во судовите

фото: EPA/EFE

Хаосот во светот на фудбалот по неделната објава дека 12 европски клубови формираа Суперлигата, не стивнува, напротив бурата се засилува откако денеска со остар тон се јавија и УЕФА и ФИФА кои заедно со англиската влада најавуваат дури и можна судска разврска.

УЕФА најавува тужба во која од Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Јувентус, Милан, Интер, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Арсенал, Ливепрул, Челси и Тотенхем ќе бара околу 50-60 милијарди евра. 
Целта на оваа тужба е да се натераат одметниците да се откажат од Суперлигата и да останат во натпреварувањата под капата на УЕФА.
Главниот заговорник за Суперлигата, претседателот на Реал Мадрид, Флорентинот Перез, изјави дека елитата може да се пресели надвор од Европа бидејќи целта на „лигата на богатите“ е да оди и на другите континенти, пред се на азискиот.

Нормално целта на 12. фудбалски гиганти е заработката бидејќи финансиерот на Суперлигата, инвестициската банка Џеј Пи Морган обезбеди пет милијарди долари за екипите.
Според првичните податоци, само за учество екипите ќе добијат по 425 милиони долари, а ќе ќе добијат и голема сума на пари од ТВ правата за кои се шпекулира дека ќе изнесуваат дури четири милијарди евра. Според документот, 15 екипи основачи ќе поделат 32.5 проценти од комерцијалните приходи, додека дополнителни 32.5 проценти ќе поделат сите 20 екипи, односно 15. екипи основачи плус петте екипи кои ќе играат во Суперлигата. 20 проценти од парите ќе се поделат на основ на резултатите, а последните 15 проценти ќе бидат на основ на тоа кои натпревари ги следеле гледачите. Тоа значи дека оние екипи кои се најгледани ќе добијат највеќе пари.

Засега овие најави на двете спротивставени страни сè уште само на зборови кое не се пренесуваат во дела. Но притисокот од јавноста, навивачите, па дури е од Владите, станува преголем пред се за англиските екипи од каде на Манчестер сити и Челси кои размислуваат да се откажат им се приклучи и Тотенхем.
Според уредникот на спортската рубрика на Би-Би-Си, Ден Роан, англиските екипи кои имаат американски газди (Манчестер јунајтед, Ливепрул и Арсенал) ја форсираат Суперлигата, додека останатите три екипи (Манчестер сити, Челси, Тотенхем), не се толку сигурни.

Роан од добро известени извори дознава дека:
– Манчестер јунајтед и Реал Мадрид се најголеми заговорници на Суперлигата.
– Три англиски екипи кои имаат газди од САД (Стен Кренке е газда на Арсенал, семејството Глејзер на Јунајтед и Џон Хенри на Ливерпул), се сериозни во намерата да заживее Суперлигата бидејќи сакаат НФЛ модел на затворена лига во која вредност претставуваат екипите полни со ѕвезди, а исто така не се заборава и заработката.
– Останатите три англиски екипи  (Сити, Челси и Тотенхем) кои според италијанските медиуми потпишаа само „изјави за намери“, додека според Перез потпишале „обврзувачки договор“, Суперлигата ја гледаат како средство за преговори со УЕФА бидејќи не се задоволни од паричните награди во Лигата на шампионите.
– Големите клубови од Шпанија и Италија кои доминаат на домашна сцена, инсистираат на Суперлигата бидејќи сакаат да имаат квалитетни натпревари секоја недела.
– Пандемијата на коронавирусот предизвика големи финансиски проблеми токму кај наголемите екипи кои едвај дочекаа некој да им понуди милијарди евра/долари. Тие исто така сакаа да имаат контрола на системот на натпреварување и дистрибуција на заработката во Лигата на шампионите.
– Според моите извори, дел од луѓето кои учествуваат во формирањето на Суперлигата, навивачите кои се противат ги нарекуваат „љубители на наследство“, а нивната цел да имаат „навивачи на иднината“ кои сакаат суперѕвезди како што е во САД.
– Суперлигата инситира дека приходите ќе ја надминат сумата од 10 милијарди фунти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот