Уредничка на „Галимар“ ќе гостува на „Скопје фелоушип“ на 10. „Про-за Балкан“

Најважната издавачка куќа за квалитетна литература во Европа со своја претставничка ќе биде дел од програмата „Скопје фелоушип“, на претстојниот 10. Интернационален фестивал на литературата „Про-за Балкан“ во Скопје, што ќе се одржи од 18 до 21 септември во Скопје.

Орор Туја, уредничка и координаторка за странска литература во францускиот издавач „Галимар“ ќе гостува на јубилејниот фестивал, а со неа ќе имaат можност да се запознаат и македонските автори и издавачки куќи. Туја е задолжена за преводите од германски, холандски, од јазиците од Источна и Централна Европа, а од минатата година ја координира и програмата на изданието „Du Monde Entier“ во „Галимар“, меѓународно издание кое во 2021 година наполни 90 години.

Токму во издание на „Галимар“, деновиве ќе излезе и француското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска.

Во програмата „Скопје фелоушип“ вообичаено учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од цел свет, со цел македонската литература да се доближи до светот. Гостин ќе биде и писателот Владимир Бајац, кој е првиот лауреат на „Прозарт“ на фестивалот. Тој ќе биде дел и од „Скопје фелоушип“ програмата, претставувајќи ја својата издавачка куќа „Геопоетика“.

Учесници во оваа програма се и Пелин Јилмаз од издавачката група „Епсилон“ и Катја Кац од КУД „Содобност интернационал“. Тие ќе учествуваат на тркалезна маса на вториот фестивалски ден и ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Организатор на фестивалот „Про-за Балкан“ е „Прозарт медиа“. Поддржувачи се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотека, „Спона“, Национална галерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот