Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

„Не можат сите да бидат задоволни“, но партијата мора да биде, затоа што на „великиот свештеник“ можат да му „стегнат“ кривична пријава, да го снајде смена или неговите „пријатели – градежници“ да го напуштат и да не му креваат телефон.

Урбанистите – почетници, ГУП – от го сметаат за Библија или Куран кој не смее да се менува, освен во прецизна постапка, пропишана со закон. Ќе се смени само ако моментно владејачкиот „бог“ така рече. Во случај да си од „погрешна вера“, го менуваш „дресот“, а ако е верата иста, а во урбанизмот верата е секогаш иста, важен е само „кондицискиот тренер за мито“.

ДУП – от пак може да се менува, но не мора, иако се и тие исто така свети, како и верските книги. Нерамномерната, поточно „произволната“ примена на ДУП – от од страна на „великите свештеници“ во општините и во Министерството за транспорт и врски е главна методологија на верата. Таа методологија произлегува од законите кои ги прави владата, заедно со професорите од правен и архитектонски факултет, а секое нивно препрочитување дава нов поглед и „инспирација за в џеб“ на ДУП – от и законите за градба и урбанистичко планирање.

Сепак, ДУП–овите не се толку отпорни на промени, само треба да се знае како да се менуваат.

Прво, имаме мали преправки на парцели, или големи поправки на „мали парцели“ од урбанистичкиот план. Тоа може, со минимално прекршување на законот. Тука се и општинските совети, па каде што треба неказнивост, ќе помогнат, заедно со комисиите.

Потоа, може малку да се „подпромени“ маркицата, односно да се „подзголеми“ катноста („венецот“), основите на градба, па зградите и „шетаат“ и „растат“. Може и да се пушти некое зградиче без паркинг, само со доплата, да се изостави правилото дека паркирањето мора да биде во рамки на локацијата (во цената на станот мора да влезе и гаража) и слични хокус – покус трикови, затоа што „локацијата дозволувала“.

Интегритетот на урбанистичките еминенции

Ниту тротоарот не е свето место, па да не се подукраде, во име на 2 – 3 станчиња „фазла“ или (барем) на него да се паркира, затоа што со станот не е добиена гаража, која „влегла во цената“. Па нормално, општината ќе даде 16.000 маркици за паркирање, иако има само 6.000 паркинг места, а кога ќе измислат антигравитација, ќе има вертикално паркирање. Нормално е да се донесе и закон за достава, односно за „растовар на гајби“, но пак брзата помош ќе стане „бавна помош“. Сè е полесно отколку да се спротивставиш на интересите на „големите“. Интегритетот на урбанистичките еминенции е однапред планиран и на функција или „во кругот“ нема да најдеш учена урбанистичка глава, која не се продала или изнајмила.

Има можности, има. Биди со вистински дрес, под услов пари да ти се претураат од џебовите – ќе се може некако. На пример, може и да се постават објекти како „урбана опрема“, а потоа да се легализираат.

Главно е дека „не можат сите да бидат задоволни“. Партијата мора да биде, затоа што на „великиот свештеник“ можат да му „стегнат“ кривична пријава, да го снајде смена или неговите „пријатели – градежници“ да го напуштат и да не му креваат телефон.

Специфика кај оваа „урбана опрема“ е што лесно може да се отстрани – ако има волја. Дека таа „опрема“ работи десетици години, дека била вистински бренд во цело Скопје или во центарот на некој друг, не е важно. Веројатно, „опремата“ не давала доволно – каде што треба, како што беше случајот со скопските сендвичарници. На местото на таа „опрема“ ќе постават нова или од „урбана опрема“ ќе прерасне во градба – по сите прописи.

Учените кадри станаа многу скапи

Кај општините пак, се оди во крајности: или „ништо да не се гради“ или „пушти го фронтот“ нека се гради како – кој сака! Ако градоначалникот сака да стави ред, тешко тоа ќе оди. Диловите се веќе направени пред него, измените веќе поминале на Совет, некоја од проектантските фирми изготвува „измени“, „вклопувања“, „регулаторски линии“, а и од неговиот тим прават нови дилови, за кои градоначалникот последен ќе дознае. Пардон, тука е и приватизацијата и легализацијата: првата, втората, продолжувањата, новите продолжувања, измени на закони … Граѓаните не знаат ништо, но знаат дека „во партијата се раскарани“, па лови најсилна партиска струја. Типуваме на сите, за недај Боже, да не влеземе во „вклопувањето“.

Сите овие усложнувања и лавиринти од закони и различна примена на истите тие закони, бараат кадар, а партиски кадар на претек. Идила! Навистина овие кадри ниту со умот не можат да се состават, а камоли да спроведуваат закон, да планираат и да ја преземат „заднинската подготовка“ на услугите – кои граѓаните ги бараат. Тие се тука за партијата да биде задоволна. Граѓаните и не мора да бидат задоволни, нели? Во последно време и учените кадри станаа многу скапи, па работат за странците за пари добиени на сметка, а не под биро.

Кадарот во општините се зголемува, но квалитетот не. Финансирањето на општините веќе чкрипи како преоптоварена макара заради превработеност на непотребни кадри, но плачот Министерството за локална самоуправа ќе го чуе, само ако се плачковците од партиите на власт, или ако знаеш „некој јак“ од коалициските партнери. Трагедијата е во тоа што со секои нови избори списоците за вработување во општината се надополнуваат. Вработувањата мора да ги одобри и Министерство за локална и за информатичко општество и администрација, а и најопасното: за финансии. Власта мора да биде задоволна, а научно е докажано дека љубовниците мошне придонесуваат за ефективноста на градоначалниците и државните функционери, кои не се толку „јаки“ да ги примат „на државно“, па им ги примаат на локално.

Другите општини, кои не се во милост, добиваат добро познат одговор: Зголемете ги сопствените приходи, изгответе проекти, аплицирајте во ИПА, во тоа Бирото за регионален развој, „до државата“, до странските донатори, во „меѓугранична“, во … тоа … како се викаше?

Способните имплементатори на реални проекти на прсти се бројат

Убав совет и така треба! Сепак, општините сега, во недостаток на поголем број издадени градежни дозволи, се финансираат од комуналии и данок на имот. Првото е чиста глупост и беда од малку пари, кои ќе ги потрошат одма и ќе додадат и свои, затоа што се таксите за уредување градежно земјиште – прениски, а за второто, партиите (и сите други институции од прва – до последна) не даваат да се зголеми смешниот данок на имот, за да им се додворат на граѓаните. Ова има крај и веќе општините не можат да си го дозволат тој луксуз да земаат данок на имот од по 50 евра годишно за прекрасни куќи.

Останува општините да аплицираат во ИПА – та или да изготват напреден развоен проект, што е смешен совет, затоа што ем не се способни за тоа, ем тоа се наменски пари? Кој од партија дојден во општина, со нула работно искуство или со искуство од „државни“ проекти има таква вештина? Кого да задолжат да имплементира по европски стандарди, кога „писмените“ не ги играат, надевајќи се на голема „луфта“ од тендерите. Да викнат некого „од страна“? Како ќе му платат, со кои пари? Проектите, ако сакаме да бидат реални – скапи се и бараат способни имплементатори. Таквите на прсти се бројат во цела држава. Општините тоа добро го знаат од минатите европски проекти, каде едвај ги спаси државата, која ги презеде проектните „нелегални трошоци“ на општините на себе и ги даде тие 15%, со кои општината треба да учествува. Европејците јасно им рекоа дека тендерите мора да бидат европски, книговодството минуциозно и прецизно, да нема „општи“ трошоци и уште мал милион правила, кои општините не ги знаеја, или ги знаеја, но не можеа да се спротивстават на своите и партиските лукративни желби.

Крај на филмот.

Посовремен начин на финансирање и нови извори на сопствени приходи се случува само со вклучување на способни поединци, експерти, познавачи на финансирањето од меѓународни донатори, финансиери и менаџери во власта, а од нив партиите бегаат како ѓавол од крст. Најголем дел од оние што ги носат одлуките и не разбираат што им говорат европските бирократи, во врска со проектите.

Final end!

Значи, системски промени не се можни, а проектните и вонсистемски не ги прифаќаат од страв дека нема да можат да крадат заради повишување на нивото на законитост и намалување на можноста законите да ги толкуваат, наместо да ги применуваат.

„Нема пари, ако не те полази туѓа вошка“

Таква е и приказната со урбанизмот. Секој шеф на урбанистичко одделение во општините, би зел барем 1.500 евра плата кај приватник, наместо сегашните 40 до 50 илјади денари месечно. Зошто не одат таму за дупло поголема плата? Смешно е прашањето нели, кога сите знаат дека платите на овие им служат за мастики и сончоглед, а со 60 – 70 илјадарки денари месечно, едно „такво“ семејство има купено и по 5 – 6 станови, куќи во Грција, во Охрид …

Самата идеологија е општоприфатена дека „нема пари, ако не те полази туѓа вошка“. Од мали на дечињата за тоа им се говори дома, тоа го гледале, за тоа слушале и на социјални мрежи и на ТВ и во училиште, па сето тоа им се имплементира и во последната здрава пора. Затоа, тие знаат дека или мора да заминат во странство или мора да го следат најприфатливиот модел дека мора да станеш фактор во партијата, за да се накрадеш и да бидеш некој и нешто.

Ете така, не чуди фактот дека дури и младите не се нервираат на неправдите, кога знаат дека власта мора да биде задоволна – по секоја цена, дека (редовно) е задоволна и дека „како единка“ не можеш ништо. Сепак, тие не се здружуваат, освен во партиите. Нашата традиција тука многу помага, затоа што советува да не ја дига главата високо, оти „сабја ја сече“, па треба „да сѝ молчи, да си трае“, а царот е секогаш облечен – колку и да е гол.

Ете, тоа е одговорот и повторно води на исто место: Мито, корупција, криминал и стимулирање на ниските стандарди. Останатото е за до 4–то одделение, каде е волкот редовно зафркнат. Овде волците од партија мораат да бидат задоволни, а граѓаните и не мора, оти „не може сите да бидат задоволни“.

(Продолжува)

Утре: Урбанизмот и останатиот криминал (3): За просторен план 2021-2042 подготовките во 2022 година!

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Урбанизмот и останатиот криминал (1): Црни пари колку сакаш

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот