Уметничкиот проект „Кластер“ на Иван Ивановски ќе биде изложен во продажниот салон на КИЦ – Скопје
Во продажниот салон на Културно-информативниот центар во Скопје на 17 јули, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Кластер“ на Иван Ивановски. Изложбата ќе може да се посети до 1 септември годинава.
Препорачано
„Кластер“ е уметнички проект што низ слики, скулптури и цртежи ја истражува психолошката, социолошката и политичката динамика на толпата. Тематски изложбата се занимава со начините на кои поединецот се втопува во колективот и како повторно се појавува, но не како „јас“, туку како „ние“.
Терминот „кластер“ овде се користи во повеќеслојна смисла: како форма на групирање без центар, како модел на акумулација на тела или информации и како состојба на психолошка кохезија од што произлегува посебен независен ентитет со своја волја и свест.

Во основа, „Кластер“ го разгледува феноменот на губењето на субјективноста во услови на масовно искуство, телесна густина и просторна зависност. Изложбата ќе биде придружена со звучна подлога од Иван Коцев.
Иван Ивановски (1983) дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, а во 2014 година го завршува Академскиот програм за режија на ФАМУ, Чешка. Во моментов е на постдипломски културолошки студии на Институтот за македонска литература при УКИМ.
Досега има реализирано 26 самостојни (Скопје, Куманово, Гевгелија, Белград, Гуанџоу, Њујорк, Љубљана, Берлин…) и повеќе групни изложби (Нотингем, Рим, Амстердам, Приштина…). Работи скулптури, цртежи, инсталации, слики , видео, филм и анимација. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк во Скопје. Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник во 2014 година.

Автор е на пет графички книги: „Мезанин“ издание за „Фликер Студио“, „Void“ издание за „Флип бук“, „Pulmonary Nodule“, „Симптоми“ и „_cracy“ во издание на „Партизанска штампа“, а уредник е на „Македонски анимиран филм 1971 – 1991“ издание за ДФРМ, и „Илустрирна Библиска етика“ издание на МКЦ.
Работи на анимиран филм од 2007 година, а во 2009 го прави својот прв професионален анимиран филм „Внатре“, а потоа следуваат „Народен фронт 12“ (2012 г.), „Конзо“ (2015), „Образец Б16“ (2018) и „Јадица“ (2020). Неговите анимирани филмови се претставени (некои и наградени) на различни регионални и интернационални филмски фестивали.


