мариупол
Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Украина тврди: Русите ги „филтрираат“ сите мажи во Мариупол, се затвораат сите влезови и излези

Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, објави на Телеграм дека руските сили најавиле дека ќе ги затворат сите влезови и излези од разурнатиот град и ги предупредиле мажите што остануваат во Мариупол дека ќе бидат „филтрирани“.

Советникот, кој не е во Мариупол, но добил информации од тој опколен град, објавил дека Русите денеска почнале да издаваат пропусници за движење низ градот, а објавил и фотографија на која, како што тврди, се гледа како граѓани стојат во ред за пропусници.

Стотици граѓани треба да застанат во ред за пропусници, без кои од следната недела нема да можат  да се движат не само меѓу урбаните населби, туку и да излезат на улица“, напиша Андриушченко.

„Сите мажи ќе бидат подложени на филтрирање“

Во вчерашното соопштение советникот на градоначалникот наведува дека руските сили најавиле дека „сите излези и влезови во градот ќе бидат затворени, а забраната за движење меѓу населените места ќе трае една недела“. Андриушченко наведува, повикувајќи се на информациите што ги добил од градот, дека сите мажи во градот ќе бидат подложени на процес на „филтрирање“.

Да потсетиме, украинските и американските власти тврдат дека руските сили спроведуваат „филтрирање“ на цивили во областите под нивна контрола. Тоа значи дека тие биометриски се скенираат, нивните мобилни телефони се одземаат и во некои случаи се депортирани во Русија против нивна волја. Градскиот совет на Мариупол објави дека „филтрирањето“ е дел од широко распространетиот руски план за прикривање на воените злосторства извршени во градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот