Чеченски борци пред челичарницата Илич/Фото: Profimedia

ФОТО+ВИДЕО | Битка за челичарницата во Мариупол: Чеченците ја освоија помалата Илич, Азов се крие во најголемата Азовстал

Чеченските борци под команда на Рамзан Кадиров денеска славеа пред челичарницата Илич во опколениот и разурнат Мариупол. Имено, тие се во Мариупол заедно со силите на проруските сепаратисти и руската армија која се обидува да го окупира Азовстал, огромна фабрика за челик во која се наоѓаат преостанатите бранители на Мариупол – полкот Азов и украинските маринци.

Денес, според руски извори, проруските сепаратисти и Чеченци ја зазеле фабриката за челик Илич, а пред неа развиориле знамиња со ликот на Рамзан Кадиров.

Чеченските борци на Кадиров слават по освојувањето на челичарницата Илич/Фото: Profimedia

„Ситуацијата на фронтот е тензична, но ние постојано напредуваме. Веќе влегуваме во челичарницата Азовстал. Втората челичарница Илич е практично наша. Примирје нема да има. Ја игнорираа нашата иницијатива, добија одговор“, рече командантот на проруската сепаратистичка единица кој со руските сили го напаѓа Мариупол.

Украинските борци со герилски акции може долго да ја држат челичарницата, тврди експерт

Украинсктие сили кои ја бранат огромната фабрика за челик Азовстал во опколениот и разурнат Мариупол би можеле да издржат долго време користејќи герилски тактики, утврдени позиции и тунели, изјави за Би-Би-Си воениот аналитичар Џастин Крамп.

Крамп, кој работи за Сибилин, консултантска фирма за безбедност, рече дека украинските сили се „многу подготвени за одбрана“, додавајќи дека имаат повеќе од 50 дена да ги утврдат своите позиции и да ги подготват патиштата за бегство.

„Ако не ги уништат, мислам дека би можеле да издржат таму долго време. Ноќе, тие би можеле да излезат во герилски напади и потоа да се вратат“, рече Крамп.

Тој проценува дека Азовстал брани уште околу 800 борци. Тие се предводени од војници на Азов, полк поврзан со екстремната десница, а Русите го сметаат за „неонацисти“.

Клучната челичарница Азовстал во која сега се стационирани полкот Азов и украински маринци/Фото: EPA-EFE/SERGEY VAGANOV

„Овие војници не сакаат да бидат заробени, не верувам дека ќе се предадат. А Русите не сакаат да влезат внатре и да ја чистат челичарницата метар по метар во тунелите, тоа е страшно“, рече тој.

Тој наведува дека Украина преку крајно ризични ноќни мисии успеала да ги снабди борците на Азовстал со залихи, оружје и муниција.

Челичарницата Азовстал е клучна индустриска фабрика во регионот и ако Русите ја добијат, можеби Кина би можела да им помогне да ја вратат во функција бидејќи на Кинезите им треба челик, рече Крамп, додавајќи дека обновата на разурнатиот Мариупол ќе трае со години.

И руската прорежимска агенција РИА пишува дека украинските војници во Мариупол одбиле да го положат оружјето. За нив се верува дека се последните бранители на опколениот и разурнат Мариупол, односно Азовскиот полк и украинските маринци се стационирани во огромната фабрика за челик Азовстал.

Кулеба: Русите сакаат да го докрајчат Мариупол по секоја цена

Украинскиот министер за надворешни работи, зборувајќи за ситуацијата во опколениот Мариупол во интервју за Си Би Ес Њуз, рече дека очекува „очајни обиди на руските сили да го завршат Мариупол по секоја цена“.

На прашањето како Украина очекува нејзината војна со Русија да се одвива во следните неколку недели, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека очекува тешки борби на истокот и „очајни“ обиди да се заземе Мариупол „по секоја цена“.

Тој додаде дека „Мариупол повеќе не постои“.

„Ситуацијата во Мариупол е воено страшна, го крши срцето. Градот повеќе не постои. Остатоците од украинската армија и голема група цивили се опколени од руските сили. Тие продолжуваат да се борат, но начинот на кој се однесува руската армија во Мариупол изгледа решиле да го срамнат градот по секоја цена“, рече Кулеба.

Ситуацијата во Мариупол може да биде „црвена линија“ за преговори со Русите

Страшната ситуација во Мариупол би можела да биде „црвена линија“ која би можела да застане на патот на мировните преговори“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Говорејќи за Си Би Ес Њуз, Кулеба рече дека немало директна дипломатска комуникација меѓу Русија и Украина на ниво на министри за надворешни работи неодамна, додавајќи дека очекува „ескалација на тешките борби во источна Украина“ во наредните недели.

„Нема разговор на високо ниво“, рече Кулеба.

Инаку, украинските војници одбија да го послушаат рускиот ултиматум да го положат оружјето во Мариупол, а украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека украинските сили во тој опколен и разурнат пристанишен град сè уште се борат.

Русите, пак, тврдат дека нивните сили влегуваат во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, последното упориште на бранителите на градот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот