Фото: Принтскрин од видео на Зеленски

Украина најавува извоз на оружје преку „дрон-договори“, но не за сите земји

По долгоочекувниот чекор, Украина го отвора извозот на оружје кон глобалните пазари, со што би ја сменила улогата од примател на безбедносна помош – до нејзин обезбедувач

Претседателот Володимир Зеленски објави дека Украина ќе го отвори извозот на оружје преку т.н. договори за дронови, но дека нема сите земји да имаат пристап до експертизата што е тестирана на бојното поле во Киев, пренесува Еуроњуз.

„Извозот на украинско оружје ќе стане реалност, ги одобривме сите детали на ниво на нашите државни институции“, рече Зеленски.

„Во моментов, нашата безбедносна експертиза и оружјето, кои се тестирани во модерно војување, се од интерес за сите партнери способни да обезбедат вистинско ниво на заштита на својата државност и животите на своите граѓани“, дополни тој.

Зеленски во видео обраќање појасни дека извозот ќе биде отворен за земјите што ја поддржале Украина и ќе се реализира преку т.н. „дрон-договори“.

Станува збор за специјални договори за производство и испорака на украински дронови, ракети, муниција и други барани видови оружје, воена опрема и софтвер, како и „обезбедување на нашата експертиза и технолошка размена потребна за Украина“.

Зеленски исто така изјави дека во вторникот ги одобрил „насоките за оваа меѓудржавна работа и развојот на автоматски дозволи за бизнисите во врска со извозот на оружје“.

„Алгоритмот е апсолутно јасен: на меѓудржавно ниво, врз основа на принципот на реципроцитет, го дефинираме рамковниот модел за безбедносна соработка преку соодветен договор“, посочи тој.

Потоа процесот продолжува на ниво на државни институции и производители. За да се поедностави извозот, Киев ќе ги намали бирократските процедури, „задржувајќи соодветно ниво на контрола на извозот и воведувајќи практични оперативни механизми за компаниите“.

Контролиран извоз

И странските партнери на Украина и домашните производители на оружје долго време чекаа Киев да воспостави процедура за извоз на оружје. Околу 800 производители на оружје моментално работат во Украина, а многу од нив го зголемиле производството до значителен вишок, пишува Еуроњуз.

Според најновите извештаи, Украина сега произведува повеќе од 4 милиони дронови годишно и би можела да го удвои тој број со доволно финансирање.

Домашните производители веќе една година бараа од Зеленски да ги укине ограничувањата за продажба на нивната воена опрема, особено дронови, за да генерираат повеќе приходи.

Повеќе од половина година, Киев работеше на концептот што го нарече „контролиран извоз“ на оружје.

Зеленски денес изјави дека со јасната извозна структура украинските компании „ќе добијат вистинска можност да влезат на пазарите на партнерските земји“, но нагласи дека апсолутен приоритет на украинската војска ќе биде снабдувањето.

„Вишокот на производствени капацитети во Украина за одредени видови оружје достигнува 50 отсто и тоа е директен резултат на државните инвестиции во одбранбената индустрија и соработката со партнери“, посочи Зеленски.

Друг услов е дека само земјите што ја поддржале Украина од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година ќе имаат можност да добијат дел од нејзиниот арсенал тестиран на бојното поле.

Зеленски изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи, заедно со разузнавачките служби и Службата за безбедност на Украина (СБУ), да ја утврдат листата на земји „на кои не е можно да им се извезува наше оружје поради нивната соработка со државата агресор“.

„Ова е сериозен предизвик – да се спречи нашите технологии и оружје да паднат во руски раце“, рече тој.

Од примател на безбедносна помош во нејзин обезбедувач

Зеленски потврди дека форматот на „дрон-договори“ веќе се применува во соработката на Киев со земји од Блискиот Исток, Персискиот Залив, Европа и Кавказ.

Тој исто така потврди дека Украина има „понуда на маса со американските партнери“.

„Условите мора да бидат поволни за Украина, мора да има јасен надзор, а приходите од извозот да ѝ помогнат на Украина да се брани. Така и ќе биде“, посочи тој.

Киев неодамна потпиша 10-годишни договори за одбранбено партнерство со три заливски земји, кои вклучуваат поморски дронови, електронско војување и технологии за пресретнување.

Катар и Украина потпишаа договор за одбрана

Флотата на поморски дронови на Украина се проширува во последниве години, а украинските морски дронови се покажаа како ефикасни во нанесување значителни загуби на руските воени цели и бродови во црното море, како што се дроновите Магура-В5, користени за напади врз руската флота.

„Некои од овие системи можат да помогнат во деблокирање на клучниот Ормуски Теснец“, изјави Зеленски изминатиов март.

Украина, исто така, се обидува да го искористи моментумот од војната со Иран и ескалацијата на Блискиот Исток како можност да ја зајакне својата геополитичка улога и да премине од примател на безбедносна помош во нејзин обезбедувач.

ЕУ обезбеди 90 милијарди евра заем за поддршка на Украина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот