Урсула фон дер Лајен и Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

ЕУ обезбеди 90 милијарди евра заем за поддршка на Украина

Европскиот парламент (ЕП) денес усвои пакет предлози за поддршка на одбраната на Украина со заем од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година, што треба да ги задоволи итните потреби на Киев за одбрана од руски напади, објави ЕП.

Инаку заемот за Украина беше одобрен со 458 гласа „за“, 140 „против“ и 44 воздржани. Измените во механизмот за Украина добија поддршка од 473 пратеници, додека 140 гласаа „против“ и 32 беа воздржани.

Амандманот на повеќегодишната финансиска рамка беше усвоен со 490 гласа „за“, 130 „против“ и 32 воздржани.

Овој пакет е дел од поширока соработка меѓу 25 земји членки и има за цел да обезбеди предвидлива, непрекината и приспособлива финансиска поддршка за Киев, во услови на континуирана агресија од страна на Русија и зголемени потреби за обнова и одбрана.

Заемот ќе има ограничено право на регрес и ќе биде доспеан по исполнување на одредени услови, вклучувајќи примање на репарации од Русија од страна на Украина или доколку се утврдат прекршувања поврзани со измами или корупција.

Средствата ќе бидат насочени по повеќе канали: како буџетска поддршка преку макрофинансиска помош, како и за зајакнување на капацитетите на украинската одбранбена индустрија.

Во рамките на макрофинансиската помош, Комисијата ќе спроведе преговори со украинските власти за Меморандум за разбирање. Овој документ ќе содржи конкретни услови за реформи, кои ќе вклучуваат зајакнување на собирањето приходи, подобрување на управувањето со јавните финансии и мерки против корупцијата.

Поддршката за одбраната вклучува итни и значајни јавни инвестиции за модернизација на украинската одбранбена технолошка и индустриска база, како и за поинтензивна интеграција со европската одбранбена индустрија.

Регулативата прецизира и детализирани критериуми за подобност за производители и подизведувачи. Овие критериуми ги вклучуваат условите за основање во ЕУ, Европската економска зона или Украина, ограничувањата за учество на трети земји и правилата за заштита на чувствителни и класифицирани информации.

Украина ќе мора да отвори посебна сметка за управување со средствата наменети за одбранбена поддршка и да доставува месечни извештаи за извршените плаќања.

Европската комисија ќе има надзорни и контролни права, а Европскиот парламент и Советот ќе бидат редовно информирани за напредокот во имплементацијата.

Финансирањето на заемот ќе се обезбеди преку диверзифицирана стратегија за задолжување. Трошоците за опслужување на долгот потенцијално ќе ги покрие буџетот на ЕУ, преку посебен инструмент кој ќе биде надвор од лимитите на повеќегодишната финансиска рамка.

Предлогот, исто така, предвидува можност Унијата да ги искористи замрзнатите руски средства во ЕУ за отплата на заемот, во целосна согласност со законодавството на ЕУ и меѓународното право.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот