Цигари,тутун,пушење - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Цигари,тутун,пушење - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Угостителите се договорија каде ќе се пуши, продавачите допрва ќе дознаат како ќе ги „покриваат“ цигарите

По интензивни преговори помеѓу Владата и претставници на Туристичко-угостителската комора, постигнат е компромис- пушењето ќе биде дозволено на летните тераси, но по исполнување на одредени услови. Првично се бараше терасите да бидат отворени од најмалку три страни за да се сметаат за простор каде што е дозволено пушење, што предизвика незадоволство кај угостителите поради технички и просторни ограничувања кај голем дел од објектите. По договорот, условот е „омекнат“. Терасите ќе може да бидат сметани за пушачки простори доколку се отворени од две страни, што значително го олеснува спроведувањето на законот за многу локали. Ова решение ги задоволи угостителите кои предупредуваа дека строги ограничувања би можеле да ги загрозат нивните приходи.

Остана нерешено прашањето околу рекламирањето и промоцијата на тутунските производи во медиумите, на интернет, на јавни места и при настани, со цел да се намали нивната привлечност, особено кај младите. Исто така допрва ќе се решава ограничувањето на продажбата и изложувањето на цигари и други никотински производи на местата за продажба како трафики и маркети.

Перица Голомеиќ, претседателот на Туристичко-угостителската комора, за „Слободен печат“ вели дека на последниот состанок угостителите инсистирале да се задржи забраната за пушење во затворен простор, но и да се овозможи користење на терасите под јасни услови.

– Предлогот од наша страна беше да се пуши на терасите како и досега, но беше одбиен од страна на законодавците. Се договоривме на крај да ги користиме терасите како и досега, но ќе треба да ги приспособиме, тие мора да бидат отворени од минимум две страни и соодветно заградени заради безбедност и природно проветрување. Бидејќи има трошоци за прилагодување на сегашните тераси кои во најголем дел се целосно затворени, угостителите имаат можност една година по донесување на законот да се прилагодат на новите услови – вели Голомеиќ.

Со новиот закон се забранува рекламирање и промоција на тутунски производи

Во Сојузот на стопански комори велат дека засега немаат насоки за другите аспекти кои ги опфаќа законот за пушење, како продажбата и рекламирањето на цигарите и останатите тутунски производи, но и електронските цигари и вејпови. Според предлог-текстот, најрадикалните промени се концентрирани околу целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунски производи во медиуми, на интернет, на јавни места и при настани, со цел да се намали нивната привлечност, особено кај младите. Исто така се ограничува продажбата и изложувањето на цигари и други никотински производи на местата за продажба. Законот носи и поостри правила за пушење во јавни простории, вклучувајќи и заштита на места околу здравствени, образовни и социјални институции, како и за време на спортски и културни настани.

Трговците велат дека од нивна страна дадени се предлози како да се реши продажбата на цигарите по маркетите и трафиките, но велат дека одговор засега нема. Чекаат нова верзија на законот во која треба да бидат опфатени нивните предлози кои треба да донесат конечно решение и да се дефинира како и каде ќе стојат цигарите и како ќе бидат покриени за да не се гледаат.

Министерството за здравство го подготви новиот Закон за заштита од пушење, кој предвидува значајни измени во однос на сегашната регулатива со цел заштита на јавното здравје и намалување на штетните ефекти од тутунот и никотинските производи. Предлог-законот е објавен за јавна расправа пред повеќе од еден месец, со цел граѓаните и стручната јавност да дадат свои забелешки на содржината.

Економија наспроти здравје: Антипушачкиот закон отвори дискусија за приоритетите на државата

Целта, како што истакнува Министерството е јасна, да се стави здравјето на граѓаните над комерцијалниот интерес, да се ограничат рекламите, промоцијата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како и да се постават построги правила за нивната продажба и употреба во јавни простори. Реакциите се поделени, поддржувачите на здравствените мерки велат дека острите правила ќе ја намалат изложеноста на чад, особено кај деца и млади, и ќе го унапредат јавното здравје.

Од друга страна, дел од угостителскиот сектор и пушачите изразија загриженост дека законските ограничувања, дури и со ултимативниот компромис за терасите, ќе ги намалат посетеноста и приходите. Оваа тема стана и една од најактивните на социјалните мрежи и форумите, каде што се водат дебати од една страна за правата на пушачите и од друга за правата на непушачите. Новиот Закон за заштита од пушење во Македонија е едно од најзначајните законодавни предлози во сферата на јавното здравје во последните години – со строги целни мерки за ограничување на пушењето и промоцијата на тутунски производи, но и со реални прилагодувања на барањата на угостителските објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот