Економија наспроти здравје: Антипушачкиот закон отвори дискусија за приоритетите на државата
Можна ли е рамнотежа меѓу економијата и здравјето со новиот антипушачки закон? Колку е тој важен за сите нас, како држава, ако се знае дека од тутун годишно умираат по скоро 4.000 луѓе, по што сме меѓу врвот на Европа, додека, пак, по извозот на ориенталниот тутун сме втори во светот? Експерти, доктори, професори и стопанственици седнаа на трибина да ги дискутираат сите негови импликации, прашања и недоречености.
Препорачано
Златко Арсов, професор од Факултет за земјоделски науки и храна, посочува дека не е точна сликата што се гради дека тутунската индустрија остварува големи профити. Државата многу ги оданочува тутунските производи, вели тој, со 170 отсто акциза и ДДВ.
„Не би се произнесувал дали е тоа нормално. Туку, ако една кутија цигари чини 200 денари, 140 денари зема државата. Околу пет-шест проценти оди маржа на големо и мало, а за производителот останува едвај 60 денари. Во тие 60 денари имаме репроматеријали, работна рака, енергетски трошоци и цена на тутун“, посочи тој на трибината по повод предлог-законот за измени во Законот за заштита од пушењето, кој во моментов е ставен регистарот на правни прописи ЕНЕР за забелешки, пред да влезе во собраниска процедура.
„Да се најде рамнотежа меѓу штетноста на тутунот и финансиската корист од него“
На настанот на „Превентива“ во „Даре Џамбаз“, Арсов истакна дека на сметка на тутунските компании живеат државите. Додека за Македонија веќе одамна е веќе кажано дека „буџетот мириса на тутун, алкохол и гориво“.
„Тоа се нашите главни извори на приход. Секое сечење на овие приходи е сечење на буџетот на државата. Практично, нашето производство главно се базира на ориенталниот тип на тутун, по кој сме втори во светот. Но, истовремено, ограничени сме на околу 10 земји во светот, кои се наоѓаат на Медитеранот – Грција, Албанија, Турција, Либија, Сирија, Тунис, Мароко, Алжир… и тука отприлика завршува кругот, додека порано имаше производство и во Руската федерација“, рече тој.

Како што наведе Арсов, при домашното производство на тутун се користат многу малку пестициди, хемија, што е своевидно органско производство.
„Ние имаме 70-80.000 население кое директно е инволвирано во производството – тоа се нашите тутунопроизводители, главно сместени во Пелагонискиот регион, исто и Радовиш, Струмица и вардарскиот дел. Ние мораме да продолжиме со производство на тутун, бидејќи немаме алтернатива. Пример, во Грција производството на крупнолистниот тутун е заменето со производство на памук. Но, тие имаат такви климатски услови“, рече професорот.
Ги посочи и вработените во тутунската индустрија. Односно 10 претпријатија за откуп и обработка на тутун, кои вработуваат преку 1.500 луѓе, а исто толку и во две фабрики за тутун, што значи најмалку 3.000 луѓе.
„Ако ги внесеме тука и трговците, бројот станува многу поголем. Според мене, мора да се прави еквилибриум меѓу штетноста на тутунот и неговата финансиска корист“, констатираше Арсов, додавајќи дека тој лично ги поднел своите забелешки на ЕНЕР, но, критикува дека законот генерално се пишувал без консултација со струката и некои дефиниции се погрешни.
Дека во пишувањето на законот изоставува научната јавност, смета и Љупчо Јаневски од Сојузот на стопанските комори на Македонија. Тој го спомена постоечкиот закон, кој не го дал посакуваниот ефект, а отвори и прашање за капацитетот на институциите во инспекторскиот дел.
„Сите барем по еднаш сме отишле во институција каде нè пречекал човек во канцеларија што мириса на тутун и знаеме колку инспекторите влегле во нашите општини и министерства – да видат колку се спроведува досегашниот закон за пушење“, рече Јаневски.
Сега, тврди тој, околу 4.000 мали и микробизниси во Македонија се директно изложени на новата легислатива.
„Исто и туристичко-угостителскиот сектор, кој за 2024-та има туристички промет од 600 милиони долари, со меѓу 32-35 илјади работници, што претставува отприлика 4,7% од вкупниот број на вработени во државата. Туризмот во македонската економија директно внесува 4% од БДП. Ние треба да го заштитиме секторот со некоку претходни фази и ќе го намалиме притисокот на законот за пушење. Тоа го велам, за да не дојдеме до лоша перцепција дека Сојузот на стопански комори не го поддржува законот. Сојузот го поддржува од 2010 година, кога понатаму беше ублажен и имаме одредени последици“, посочи Јаневски.
ССК бара да се одложи примената на новиот закон
Сојузот е загрижен за донесувањето на предлог-законот и како тој би профункционирал од 1 март. Затоа, бараат тој да се усвои фазно, да се одложи до крај на годината, со цел да го намали притисокот врз економијата и туристичко-угостителскиот сектор, кој би се прилагодил на новите услови.

„Ако имаме силна едукативна кампања, понатаму може Министерство за здравство да изработи студија што ќе ги даде негативните и позитивните ефекти од законот. Таа да биде ставена на ЕНЕР и дадена до коморите. Досега, таква до нас не е стигната. Другите фази би биле работени во заедничка група со повеќе засегнати институции, но и креатори на политики. Би прашал, колку во овој момент од цигарите, од данокот и акцизите, директно се влева во Министерството за здравство, на посебна сметка? Дали е тоа возможно понатаму да се пренасочи за едукација? За отворање на центри, за да им се помогне на луѓето за откажување од цигари, сѐ со цел на крајните консументи – во рестораните, дискотеките и летните бавчи – да користат помалку цигари“, посочи Јаневски.
За едукативниот аспект зборуваше и Јаворка Ѓорѓиевска, советник од Министерство за образование и наука (МОН). Потсети на измените во законите за основно и средно, каде превентивните програми ги ставиле како „задолжителни“ во училиштата. Станува збор за превенција од тутун и цигари, во пакет со превенција од алкохол, дрога и насилство.
„Меѓутоа, превенцијата не може да заврши со шестиот час во школо. Потоа учениците се враќаат во средината каде живеат. Прашањето е каков пример сме како возрасни? Пушиме цигари, а на детето му кажуваме дека е штетно. Учениците и младите генерации не можат да ја направат таа дистинкција. Кога гледаат дека тоа е нормализирано дома, кај родителите, наставниците, лекарите… тогаш не сфаќаат колку е голема штетноста. Мораме да зборуваме и за зависничката компонента. Младите не разбираат, мислејќи дека ‘можам да се откажам кога сакам’“, рече претставничката од МОН.
Според неа, кај младите не е толку актуелна класичната цигара, туку новите видови цигари, а во стариот закон увиделе „сива зона“, со која полесни биле достапни за младите генерации. Од една страна, посочува Ѓорѓиевска, економски можат да се снајдат, а од друга – законите против продажба на малолетници не давале резултати, бидејќи во пракса секој може да си купи цигари.
„Она што нас нè загрижуваше колку се атрактивни новите никотински производи. На некој начин, младите ги сметаат за алтернатива, нешто што е ‘помодерно’, преку кое градат имиџ. Така да, сметаме дека е добро што никотинските производи се опфатени од новиот закон, за да се регулираат. Особено што за ‘никотинските алтернативи’ истражувањата укажуваат како можат да предизвикаат поголема зависност, бидејќи, пример, никотинските кесички директно влегуваат во крвта“, наведе Ѓорѓиевска.
Истражувања набројуваше и Сања Прошева, доктор на науки по јавно здравје, истражувач од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Студија на ИЈЗ вели: околу 50 отсто од возрасното население користи цигари или некаков вид тутунски производи.
„Истовремено, 33 отсто од младите на 16-годишна возраст користат традиционални цигари, 30 отсто електронски и 20 отсто тутунски производи што се загреваат. Така да, овој број е искучително висок. Ние како држава се наоѓаме некаде на врвот во европските државни и мораме да работиме за да се промени оваа состојба“, забележа таа.
Новиот закон не се носи за некому да му се наштети и тој не е против пушачите, вели Прошева. Целта, според неа, е да се заштити целокупното јавно здравје на населението. Тука спаѓаат најмногу децата и младите што не можат сами да донесуваат одлуки, потоа бремените жени, лицата со попречености и сите оние што се засегнати и изложени на пасивно пушење.
„Високи 57% од учениците изјавуваат дека се изложени на пасивно пушење во нивниoт дом, додека 50% на чад од тутун во јавни простории. Но, овој закон не е само наменет за оние што пушат пасивно, туку и намалат последиците од јавен здравствен аспект. Да се намали товарот врз болничките капацитети, а знаеме дека користењето тутун придонесува за развој на разни хронични болести, но и за смртност […] Затоа Институтот отвора бројни кампањи, а една година имаме и отворена телефонска линија за откажување од цигари“, констатираше Прошева.
Ако се гледаат бројките на Светската здравствена организација, на светско ниво, тутунот годишно убива над 7 милиони луѓе, од кои се проценува дека 1,6 милиони се од „пушење од втора рака“, т.е. непушачи. Околу 80% од 1,3 милијарди корисници на тутун во светот живеат во земји со ниски и средни приходи.


