Твиги, првиот модел од работничката класа, сега добива мјузикл за себе

Твиги / Фото: Profimedia

Театарот „Meiner Chocolate Factory“ од Лондон најавува мјузикл за Твиги, култната манекенка од 60-тите.

Шеснаесетгодишната Лесли Хорнби, позната како Твиги (73), била тинејџерка од Низден кога фотографијата од нејзината кратка коса ја катапултирала во светот на гламурот и славните.

„Тоа се случи речиси преку ноќ. Еден ден бев обичен студент, а следниот ден бев ‘лицето на 1966 година’. Беше лудо и прекрасно“, изјави поранешната манекенка, актерка и модна дизајнерка.

Сега нејзината приказна е претворена во мјузикл напишан и режиран од писателот, драматург и сатиричар Бен Елтон, а познатата манекенка ќе ја игра Елена Скај. Елтон се фокусираше на ерата кога беше модерно да се припаѓа на работничката класа. Како прв модел од работничката класа, Твиги се прослави и по кратката фризура.

„Многу сум поласкана што некој толку талентиран како Бен сакаше да работи на овој проект“, изјави Твиги, која ја доби титулата Дама во 2019 година, за услуги во модата, уметноста и добротворната работа.

„Тоа е негов проект, и случајно се однесува на мене“, рече таа скромно, додавајќи дека таа и Елтон се пријатели долги години.

Елтон го нарече мјузиклот „Close Up – The Twiggy Musical“. Тој за „Гардијан“ изјави дека ја избрал нејзината животна приказна токму затоа што бил заинтересиран за експлозијата на социјалната мобилност во Британија во шеесетите, „кога беше многу модерно и кул да се биде дел од работничката класа“.

„Порано беше невозможно за девојките од работничката класа да се занимаваат со манекенство“, изјави Твиги за „Гардијан“.

Во мјузиклот, Елтон одлучи да го покаже влијанието на менталната болест на мајката на Твиги врз семејната динамика. За време на отсуството на мајката, таткото презел поголем дел од грижата за децата. Мјузиклот ќе содржи музика од шеесеттите и седумдесеттите години, а ќе биде изведен од 16 септември до 18 ноември во театарот „Meiner Chocolate Factory“ во Лондон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот