ТВ Клан Македонија лиферува пробен балон? Нон-пејпер со големи амбиции и со аматерски грешки

Принтскрин / ТВ Клан
Телевизијата „ТВ Клан Македонија“ објави документ за кој тврди дека е дел од т.н. „нон-пејпер“ за решавање на македонско-бугарскиот спор, но не може да го лоцира потеклото или институцијата која е автор на документот. Телевизијата тврди дека со документот се запознаени официјалните власти во Софија и во Скопје, но таа информација ја негираат извори во македонското МНР. Според висок македонски дипломат со кој разговараше „Слободен печат“, кој имаше увид во објавениот документ од ТВ Клан, според терминологијата и формата, не станува збор за документ на некое европско официјално тело или институција, туку најверојатно за „пробен балон“ лиферуван од некои центри со конкретна намера да се испрати некоја порака.

Во документот, меѓу другото, се вели дека официјална „Тирана веќе се чувствува загрозена поради неформалниот систем на впарување со Скопје, на нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ, а прашање на време е кога ќе се потроши трпението и на официјална Атина, која сè уште е под дејството на политичка анестезија од Преспанскиот договор“. Според терминологијата и политичкиот ракурс, велат извори во МНР за „Слободен печат“, јасно е дека станува збор за лажен документ, пробен балон, инспириран од примерот на неодамнешниот „нон-пејпер“ кој ѝ беше атрибуиран на Словенија.

„Интеграцијата на Западен Балкан во европските и во евроатлантските организации преставува  долгорочно безбедносно прашање од висок приоритет. Од неколкуте отворени прашања, како што е финалното решение за односите меѓу Србија и Косово, ревизија на функционалноста на Дејтонската федерација БиХ, акутен предизвик што создава политички грч на целиот регион е сегашниот застој на процесот за интеграција на Северна Македонија во ЕУ“ – се вели во воведот на „документот“.

„Таканаречениот ‘западен’ политички фактор мора да изгради заеднички детален став, кој ќе биде наметнат како решение ‘земи или остави’, со цел да се одврзе Гордиевиот јазол чии корени се во историските наративи поврзани со идентитетските прашања на Македонците и Бугарите“, пишуваат авторите на „нон-пејперот“ и потоа изнесуваат скица на свое решение за македонско бугарскиот спор. Во него се спомнува признавање на бугарското малцинство во Македонија и „гаранции“ за Бугарија дека таму не може да има македонско малцинство.

„Несериозноста на документот се гледа од авион“, вели за „Слободен печат“ висок извор во македонската дипломатија.

Влада: Единствен официјален предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е португалскиот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот