Камен мост / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Турска општина објави тендер за осветлување на Камениот мост во Скопје

Освен осветлувањето на Камениот мост, Градот, поттикнат од Европската Унија и именувањето на Скопје како град-престолнина на културата за во 2028 година, ќе направи повеќе зафати и реконструкции на скопското Кале, каде, како што изјави Ѓорѓиевски, ќе се одржуваат најголем дел од настаните, како и активности и реставрација на делови од Старата скопска чаршија, потоа Аквадуктот, кој треба да премине во летна арена.

Едно од најзначајните македонски културни обележја, Камениот мост на Вардар, сместен во срцето на Скопје, веројатно ќе се реновира и осветлува од страна на засега неодредена турска фирма, земајќи предвид дека токму овој проект се најде на тендер објавен од страна на истанбулската општина Есенлер од Република Турција.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски неодамна соопшти, како што рече тој, ексклузивно, дека за реставрацијата на Камениот мост ќе се приклучат општествено одговорни компании, а сумата за обновата на можеби најголемото културно обележје ќе ја покрие Македонско-турската комора МАТТО, како донатори на овој проект кој е од огромно значење за Град Скопје, земајќи предвид дека Камениот мост ќе биде една од главните атракции за време на проектот „Скопје-европска престолнина на културата 2028“, кога нашиот град ќе биде домаќин и еден од центрите на култура на Европа.

Моментално, камениот мост се наоѓа во катастрофална состојба, не е осветлен, а наместа е и вандализиран. Првично Ѓорѓиевски на ова културно обележје се посвети при фамозната 72-часовна „чистка“ на градот, кога службите масовно го чистеа страничниот дел од Камен мост, како и просторот под мостот каде минува пешачката патека покрај Вардар.

Освен осветлувањето на Камениот мост, Градот, поттикнат од Европската Унија и именувањето на Скопје како град-престолнина на културата за во 2028 година, ќе направи повеќе афати и реконструкции на скопското Кале, каде, како што изјави Ѓорѓиевски, ќе се одржуваат најголем дел од настаните, како и активности и реставрација на делови од Старата скопска чаршија, потоа Аквадуктот, кој треба да премине во летна арена.

Градоначалници на градови што биле европски престолнини на културата споделуваа искуства и совети во Скопје

Сепак, реконструкцијата на Камениот мост се разликува од сите останати горенаведени проекти со тоа што тендерската постапка за неговото осветлување и ревитализирање не ја објави Градот Скопје, туку турската општина Есенлер.

Фото: ЕКАП – Принтскрин

Тендерот бил објавен на Турскиот електронски систем за јавни набавки ЕКАП на 31 март, а пријавувањето на заинтересираните фирми заврши во петокот, на 17 април.

Според спецификациите, на овој тендер право на учество имале домашни-турски компании, но и странски компании, а јавната набавка предвидува „изградба на декоративен и архитектонски систем на осветлување на историскиот Камен мост во Скопје, Македонија“.

Во тендерската постапка е наведено дека избраната фирма има рок од 100 дена да го заврши проектот со осветлување на Камениот мост, а работните активности треба да започнат пет дена од изборот на изведувач и склучувањето на договор помеѓу Општина Есенлер и фирмата.

– Место на извршување/испорака: Историскиот Камен Мост во Скопје, Северна Македонија. Рокот е 100 (сто) календарски дена од датумот на предавање на локацијата. Локацијата ќе биде предадена на употреба, а работите ќе започнат во рок од 5 дена од датумот на потпишување на договорот-се вели во деталите од тендерската постапка.

Фото: ЕКАП – Принтскрин

Нема образложение од засегнатите институции

Ова е првпат странска општина да распише тендерска постапка за обнова на културно-историски обележја на Скопје, па затоа „Слободен печат“ испрати прашања до Градот за подетално да ни објаснат зошто токму оваа локална самоуправа од Турција објавува тендер за Камениот мост, како и дали постои договор со кој Градот Скопје ѝ овозможува на Општина Есенлер да биде локалната самоуправа која е одговорна за проектот, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.

Исто така испративме прашања до стопанската комора на Македонија и Турција МАТТО за тоа каква улога имаат тие во овој проект и од чиј буџет ќе се одвојат средствата, дали од комората или од Општината Есенлер, која го објави тендерот, но оттаму одговор за жал не добивме.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт и со Општина Есенлер, која најверојатно ќе одвои средства од својот буџет за реновирање на културно обележје во Македонија, и прашавме колку средства се предвидени за овој проект и дали конкурирале компании од Македонија, но не добивме одговор.

МАТТО ќе помогне и во обновата на кино „Милениум“

Воедно, Ѓорѓиевски информираше дека комората МАТТО, освен тоа што ќе го осветлува Камениот мост, ќе донира и филмски проектор кој ќе се искористи во процесот на реставрација и повторно пуштање на употреба на градското кино Милениум сместено во ГТЦ, кое повеќе од пет години беше под сите стандарди и пропаѓаше, немаше проектор, влезот беше постојано валкан, стаклата беа заматени, со што беше тотално неатрактивно за скопјани, до пред околу една година, кога киното целосно се затвори.

-Сакам да истакнам, ексклузивно, дека преку Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) се обезбедува проектор за Градското кино. Веќе сме во постапка. Имаме обезбедено средства од буџетот на Град Скопје, а тендерската постапка е или веќе распишана или ќе биде во наредните денови- изјави Ѓоргиевски.

Повторно ќе се отвори киното „Милениум“, најавува Ѓорѓиевски

Тој додаде дека киното „Милениум“ е еден од објектите кои ќе бидат реконструирани како дел од подготовките за проектот „Скопје-Европска престолнина на културата 2028“, а процената на Ѓорѓиевски е дека скопјани веќе од септември ќе можат да го посетуваат реновираниот објект.

„Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. Тоа е добар рок ако се земе предвид дека долго време не функционираше, а таму имаше и несоодветни услови“, рече градоначалникот.

Постоечкиот дигитален ДЦП проектор беше набавен во 2012 година, но тој не работи веќе три години, а пред да биде затворено Милениум, осум месеци скопското кино функционираше без дигиталниот проектор, а поради немањето соодветни услови за нормално функционирање, во Градското кино се прикажуваа филмови на кои веќе им поминал редот во единственото кино кое тогаш функционираше во Скопје – „Синеплекс“.

Сепак, останува да видиме која ќе биде компанијата што ќе го добие тендерот за осветлувањето на Камениот мост, и дали ќе биде странска или некоја од домашниот пазар, но јавноста веројатно ќе очекува образложение од Градот како може турска Општина да распишува јавна набавка за реставрација на културно обележје во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот