Судење на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Туфегџиќ: Обвинението за Александар Ѓорчевски е резултат на површно и неправилно водена истражна постапка

Откако Јавното Обвинителство побара да се укине ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, која беше киднапирана од влезот на зградата на „Наум Наумовски Борче“ додека се упатувала кон училиште, неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ поднел одговор на ваквото барање до Апелација и бара јавна седница на која ќе може да се спротивстават аргументите. Туфегџиќ во одговорот наведува дека обвинението за таткото е резултат на површно и неправилно водена истражна постапка и повреда на сите принципи на криминалистичката истрага и криминалистичкото профилирање.

Скопскиот кривичен суд го ослободи Александар Ѓорчевски од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Но, Обвинителството не се согласува со оваа пресуда и поднесе жалба до Апелациониот суд.

„Слободен печат“ го контактираше Туфегџиќ кој ни потврди дека поднел одговор на жалбата.

-Очекувам ослободителната пресуда за Александар да се потврди, изјави тој за „Слободен печат“. 

Во одговорот на жалбата, Туфегџиќ ја цитира првостепената пресуда – дека доказите на ОЈО против Ѓорчевски се само посредни, а дури и обвинителите потврдиле дека немаат докази за директна комуникација меѓу Ѓорчевски и Љупчо Палевски, поточно дека тој на Палевски му дал упатства за времето кога детето ќе излезе само од домот за да оди на училиште.

За него поднесеното обвинение е „целосно фијаско“ а спорно е што Обвинителството се жали само за ослободителниот дел на пресудата за Александар Ѓорчевски а не и за тоа што Палевски, Манев, Видевски и Кешишев од партијата Десна беа ослободени од обвинението за грабнувањето на Жежовски.

Адвокатот на Ѓорчевски во жалбата наведува дека ОЈО не успеало да го докаже мотивот користољубие, нема докази дека Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски комуницирале.

Обвинителството пак, смета дека комуникацијата меѓу двајцата постоела зашто Палевски користел 4 телефони и имал техничко познавање за телефони па лесно можел да ги избрише комуникациите со таткото и да ги уништи трагите па така за нив е логично да нема доказ за нивната комуникација. Туфегџиќ пак, смета дека е опасен преседан некој да се обвинува врз основа на претпоставка а не врз основа на доказ зашто телефоните кои ги користел таткото се криминалистички вештачени и нема доказ за комуникација или избришани записи по претходна комуникација.

-Застапникот на обвинението остана должен да одговори зошто иако согласно законот е должен, не се обиде да ја насочи истрагата после сознанијата што ги доби од Велибор Манев – дека групата на Палевски договарала и планирала грабнувања на луѓе уште од септември 2022 година како и дека плановите ги правеле Манев, Кешишев и Палевски во просториите на политичката партија Десна и за таа цел по насока на Палевски копале дупки за да ги закопаат жртвите на неколку познати локации, пишува во жалбата што Туфегџиќ ја сподели со „Слободен печат“.

Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ја добиле пресудата со која се осудени на доживотна казна затвор за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кон крајот на јуни годинава и тие исто така ќе се жалат на неа.

Од првостепеното судење и исказите на блиските на Александар Ѓорчевски, во судница стана евидентно дека тој бил одговорен и посветен родител, поврзан со децата и покрај разводот и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа, наведува Туфегџиќ во одговорот и потсетува дека и мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска во суд тврдеше дека со Александар немала недоразбирања.

Според адвокатот на Александар, токму состојбата на страв, паника, избезуменост, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на Вања, кај таткото била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги преземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цеена да го пронајде сопственото дете биле потполно погрешно протоклкувани.

-Одговорот на прашањето во каква состојба се наоѓа човек што бара свое исчезнато дете и  оценка дали е чуден, конфузен, или сомнителен, ќе го добиеме откако секој од нас ќе се стави во истата положба како таткото на Вања да бара сопствено исчезнато дете, наведе Туфегџиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот