Труењето со јаглерод моноксид е главна причина за смртта на жртвите во „Пулс“, цијанидот и другите фактори само потпомогнале
Главна причина за смртта на 59-те жртви во пожарот во дивата дискотека „Пулс“ е труење со јаглерод моноксид, изјави на денешното рочиште директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков кој детално ја објаснуваше причината за смртта на жртвите којашто произлезе од обдукциските наоди и токсиколошките анализи.
Препорачано
Кај 33 жртви биле пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 имало присуство на алкохол, кај осум дрога и кај четири имало седативи и антидепресиви, но главната причина за смртта е насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи.
Кај другите четири лица што починаа причини за смрт се изгорениците и оштетувањето на белите дробови.
– Јаглероден моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу бргу и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смртта е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и другите дополнителни фактори. Доминантна причина е јаглероден моноксид, а потпомогнале и синергистички дејствувале топлиот воздух, чадот и вдишување цијанид, кои само го потпомогнале дејството на настапување на смртта – изјави Станков.
Водородниот цијанид, посочи Станков, само потпомогал, но труењето со јаглероден моноксид е главен причинител за смртта. Доколку водородниот цијанид бил главен причинител, тогаш и бројките, како што рече Станков, би биле многу поголеми.
Како делува јаглерод моноксидот?
Станков рече дека резултатите за присуство на јаглероден моноксид се напишани и ги има во извештаите за извршените обдукции.
– Кај седум лица е утврдена до 10 проценти, кај 17 до 20 проценти, кај 17 до 30 проценти, кај 14 до 40 проценти и кај четири лица над 40 проценти концентрација на карбокси хемоглобин во крвта – рече Станков.
Јаглеродниот моноксид е безбоен гас без мирис, се создава при нецелосни согорувања и е една од водечките причини за смрт. Својата токсичност ја искажува со тоа што се врзува со хемоглобинот во крвта и има до 200 пати поголема врска од кислородот, со што оневозможува транспорт на кислород до органите. Тој се врзува и со миоглобинот во мускулите, со што предизвикува слабост во мускулите и отежнато движење.
– Основна симптоматологија при труење се главоболка, вртоглавица, повраќање и смрт. Кај пожари, особено во затворен простор, никогаш не треба да се гледа како изолиран. Тој е доминантен, но има и други штетни фактори, кои го потпомагааат неговото дејство. Освен јаглероден моноксид, при пожари во затворен простор се создаваат и други токсични гасови. Поради согорувањето, просторијата се полни со чад, кој при вдишување ги затнува дишните патишта, како и жешкиот воздух при вдишувањето. Затоа не треба да се гледа и споредува со одредени таблици дека од 50 до 70 % концентрација треба да има за да настапи смрт. Тоа е комплексно – изјави Станков.
Токсиколошките анализи, нагласи Станков, покажале дека водороден цијанид не е содржан во крвта кај 26 лица.
– Цијаниди во крвта се пронајдени кај 11 лица до 0,6 микрограми на милилитар, кај пет до еден микрограм на милилитар, кај девет лица до два микрограми, кај четири лица до три микрограми на милилитар и кај четири лица до 5,25 микрограми на милилитар – изјави Станков.
Цијанидот и други материи потпомогнале во труењето
Водородниот цијанид е безбоен гас и се создава при пожари и при согорување полиуретани. Еден од најтоксичните гасови, кој исто влијае на клеточно ниво и го оневозможува клеточно дишење. При негови високи концентрации во воздухот, додека се дише, смртта настапува многу бргу – и до една минута.
Концентрацијата на цијанид во крвта никогаш не треба да се гледа изолирано кога се работи за ваков комплексен случај. Концентрација меѓу 2 и 3 микрограми на милилитар прави тешки компликации, а над 5,5 се смета дека се смртоносни. До ова е дојдено искуствено бидејќи има најдени и повисоки концентрации што не се смртоносни.
За резултатите добиени при анализи на етил алкохол во крвта кај починатите, сведокот рече дека кај 10 немало алкохол во крвта, кај 12 до 0,5 грам промили, од кои пет малолетни. Кај 15 до 1 грам промил. Кај 11 до 1,5 грам промили, кај девет до 2 грам промили и кај две лица над 2 грам промили, односно 2,05 и 2,29.
Освен овие, Станков рече дека направени се испитувања и за присуство на лекови и дроги.
Кај едно лице се најдени седативи и аналгин, кај едно само седативи и кај двајца антидепресиви, кои не може да се купат без рецепт. Психоактивни дроги се пронајдени, и тоа кај шест лица кокаин, кај едно лице кокаин и амфетамин и кај едно лице канабис.
Труењето со јаглероден моноксид има специфични и неспецифични индикации. Надворешно тоа се светлоцрвени дамки, крвавење под кожата, многукрвност под конјунктивите. Во внатрешните наоди течна и светла крв, розово пребројување на внатрешните органи и скелетната мускулатура.
Сведокот рече дека изгореници на дишните патишта претставуваат значаен фактор за настапување смрт на лица при пожар во затворен простор. Воздухот во тие простори се загрева на многу висока температура и доаѓа до изгореници на слузницата на носот, гркланот и дишните патишта.
Врз основа на обдукцијата и она што влијаело на починатите, како топол воздух и гареж од чад, давањето кислородна поддршка, според вештакот, не би дало резултат, со оглед дека повеќето се донесени во болница починати.
Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените, кои се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот, во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


