Најголем дел од жртвите во „Пулс“ починале од труење со јаглерод моноксид, а само една од изгореници
Најголем дел од младите луѓе кои загинаа во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани, починале од труење со јаглерод моноксид, констатирале обдукциските наоди кои ги изготви Институтот за судска медицина, а коишто Обвинителството ги презентираше на денешното судско рочиште за кочанската трагедија и со тоа почна фазата на изведување на материјални докази.
Препорачано
Дел починале од згмечување во стампедото, а само еден починал од изгореници. Најмладата жртва имала 16 години, а најстарата имала 49 години.
Кај пет од жртвите обдукциското мислење од Институтот за судска медицина исто така констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина.
Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина за кој рече дека содржи одговори на прашања колкаво присуство во крвта е смртоносно и колку бргу настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколу биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.
Обвинителството исто така предложи да биде повикано и сослушано вешто лице, кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања што произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.
– Ние за денеска бевме спремни за изведување на овие материјали докази. Знаеме дека и вас ќе ве интересираат прашањата што ќе бидат дадени од вештото лице и затоа ќе ги дадеме во писмена форма пред судот за да може да бидат поделени – изјави Обвинителството.
Родителите на загинатите во изјава за медиумите реагираа на наводите на дел од одбраната на обвинетите дека кај некои од жртвите во трагедијата имало присуство на алкохол и дрога.
-Со сериозна загриженост реагираме на изјавите на бранителката на еден од обвинетите во кои се тврди дека кај починатите имало присуство на алкохол, дрога и други психоактовни супстанции – рече Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова и претседател на Здружението „16 Март Кочани“.
Според него, до овој момент вакви податоци не им се доставени на нив како оштетени, ниту се презентирани како официјален доказ во постапката.
– Сметаме дека изнесувањето на вакви тврдења без јасни, проверени и официјални докази претставува сериозно и недозволиво обвинување кое сериозно го нарушува достоинството на починатите и дополнително ја продлабочува болката на нивните семејства – изјави тој.
Судот на почетокот информира дека сè уште нема вратена информација за достапноста на едниот сведок, а за другите двајца сè уште не е завршено вештачењето за нивната подготвеност да сведочат, по што одлучи да се продолжи со изведување материјални докази.
Одбраната на почетокот се противеше на предлог за читање изјави дадени во истрага посочувајќи дека Дарио Трифунов е единствен сведок што го гледа влезот на Мартин Буцо во дискотеката без ранец и го фотографира моментот, неговата изјава според нас не е целосно внесена, а сведокот Александра Пепеларовска има изјавено дека го видела лицето што ги поставило прскалките и дека Мартин не е лицето што ги поставило зашто лично го познава.
– Предлагаме судот да не ги прифаќа лесно ваквите наводи за читање на изјавите дадени во истрага од Обвинителството и дека ваквото постапување претставува повреда – рече адвокатот.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


