Тревога во САД: Делта се шири лесно како сипаници

делта сој
Фото: Профимедиа

Делта е заразна како овчи сипаници, при што едно инфицирано лице вообичаено заразува уште осум или девет други. За споредба, првичната форма била заразна како настинката, со просечно пренесување од едно на две други лица

Варијантата делта на ковид-19 е исклучително заразна, како ретко кој друг вирус, предизвикува потешки симптоми, а ја пренесуваат и вакцинираните, иако тие многу ретко се разболуваат.

Ова се заклучоците на интерен документ на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДКП) на САД, каде што варијантата делта забрзано се шири низ повеќето сојузни држави.

Директорката на ЦКДП, доктор Рошел Валенски, ја потврди автентичноста на документот, изработен како презентација со слајдови.

– Сметам дека луѓето треба да разберат дека не креваме непотребно тревога. Ова е сериозно. Ова е еден од најзаразните вируси за кои знаеме. Мали сипаници, овчи сипаници, ова, сите се тука некаде – изјави Валенски за Си-ен-ен.

Со голема зачуденост јавноста во вторникот ја прими препораката од директорката на Центрите – дури и целосно вакцинираните луѓе да носат маски во затворени простории, каде што има поповолни услови за ширење на вирусот. Валенски додаде дека особено се чувствителни училиштата, за кои препорача сите – и учениците и вработените и посетителите – да носат маски цело време.

– Овие мерки се екстремни, но се неопходни да ја задржиме заразата под контрола. Неопходни се екстремни мерки – предупреди докторката.

За содржината на интерниот документ, таа вели дека е „отрезнувачка синтеза на сите податоци на едно место“.

Во документот е наведено дека варијантата делта е речиси четирипати позаразна од оригиналната форма на ковид-19. Делта е заразна како овчи сипаници, при што едно инфицирано лице вообичаено заразува уште осум или девет други. За споредба, првичната форма била заразна како настинката, со просечно пренесување од едно на две други лица.

Потврдено дека и ревакцинираните лица го пренесуваат сојот делта исто како и невакцинираните.

Но, во исто време се истакнува дека вакцинираните лица се многу позаштитени. Тие трипати помалку го пренесуваат вирусот, а дури десетпати го намалуваат ризикот од тешки симптоми.

– Вакцините спречуваат повеќе од 90 отсто од тешките форми на болеста, иако се помалку ефикасни при спречувањето трансмисија. Затоа вирусот се шири и покрај вакцинирањето – се наведува во документот.

Се истакнува и дека варијантата делта предизвикува и потешки симптоми на ковид-19 во споредба со претходните.

Во изминатата недела ни САД просечно имало по повеќе од 61.000 нови случаи на ковид-19, што е зголемување во споредба со претходниот период и со 22 јуни, кога имало 11.299 нови случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот