Тренчевска: Со квалитетен закон за родова еднаквост ќе ги елиминираме стереотипите во општеството

Дијалогот за предлог законот за родова еднаквост продолжува се додека не се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Тренчевска на ТВ Сител изјави дека законот е во работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтересирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.
-Дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе добиеме конечно, усогласено и квалитетно законско решение, кое нема да остава простор за дилеми околу толкувањето, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини. Остваривме средба и со отец Јаков од Струмичката епархија и разговаравме за предлог законот и верувам дека дилемите се расчистени, рече Тренчевска.
Според неа, целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење .
-Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. Треба да градиме општество во кое нема да се поставува прашањето: Дали жените треба да бидат во процесот на одлучување и прашањето за жена премиер, рече Тренчевска.