Транзиција и реформи – процеси или политички пароли?
Речиси три и пол децении Македонија живее со два збора што станаа неизбежен дел од политичкиот речник – транзиција и реформи. Ги слушавме од речиси сите влади, од сите политички гарнитури и од речиси сите носители на јавни функции. Секогаш како објаснување за сегашноста и како ветување за подобра иднина.
Препорачано
Но по толку години, сосема природно е граѓаните да постават едно едноставно прашање: до каде стигнавме?
Во својата суштина, транзицијата претставува премин од една состојба во друга. Секој премин има почетна точка, јасно дефинирана цел и временска рамка во која треба да заврши. Без крајна точка, транзицијата престанува да биде транзиција и станува трајна состојба.
Истото важи и за реформите. Реформата не е број донесени закони, туку системски зафат насочен кон подобрување на одредена област. Таа подразбира јасна цел, подготвителни активности, преодни периоди, рокови за спроведување и мерливи резултати.
Затоа не може секоја законска измена автоматски да се прогласува за реформа. Ако се спроведува образовна реформа, граѓаните треба да знаат што ќе се промени во образованието, кога ќе се промени и како ќе се измери успехот. Ако се спроведува здравствена реформа, потребно е да се знае кои проблеми се решаваат, во кој рок и со какви резултати.
Реформата не се мери според бројот на усвоени закони, туку според бројот на решени проблеми.
Во последните години често слушаме за десетици „реформски закони“. Но, ако навистина станува збор за толкав број суштински реформи, тогаш граѓаните со право прашуваат: каде се резултатите? Ако со години транзитираме и постојано се реформираме, како е можно чувството на неизвесност да биде сè уште толку присутно? Како е можно иселувањето да останува еден од најголемите национални предизвици? Како е можно довербата во институциите толку тешко да се гради?
Ова не се прашања против државата. Напротив. Тоа се прашања на луѓе што сакаат државата да успее. Зашто граѓанинот не го интересира дали некој закон е прогласен за реформски. Него го интересира дали судскиот спор ќе заврши побрзо. Дали ќе најде работа. Дали неговата плата ќе има поголема вредност. Дали неговите деца ќе имаат причина да останат во Македонија. Дали институциите ќе работат правично, професионално и ефикасно. Тоа се вистинските мерила на успехот.
Можеби најголемата грешка што ја правиме како општество е што често ја мешаме активноста со напредокот. Може да има многу стратегии, програми, комисии, закони и јавни настапи, а сепак резултатите да изостануваат. Движењето само по себе не значи дека се движиме во вистинска насока.
Тоа е како човек што долго време се движи низ густа шума. Тој прави чекори, менува правци и вложува напор. Но ако нема јасна ориентација, по долго време може да открие дека само кружел околу истото место.
Токму затоа денес сè погласно се поставува прашањето: дали Македонија има јасно дефинирана дестинација кон која се движи или само постојано се движи?
Одговорот на ова прашање не можат да го дадат ниту странските експерти, ниту меѓународните институции, ниту европските препораки. Тие можат да помогнат со знаење, искуство и поддршка. Но визијата за сопствената држава мора да ја создадеме самите. Македонија не е држава без потенцијал. Таа има луѓе, знаење, природни ресурси и генерации кои покажале дека умеат да работат, создаваат и опстојуваат и во многу потешки услови. Но потенцијалот сам по себе не е доволен. Потребна е јасна насока, стручност, одговорност и континуитет.
Секој што искрено ја сака својата држава не ги премолчува нејзините слабости. Не ги прикрива девијантните појави и не бара оправдувања за неуспесите. Напротив, укажува на нив затоа што сака тие да бидат отстранети. Критиката не е непријателство кон државата. Критиката е обид државата да биде подобра. Затоа зборовите како транзиција, реформа, модернизација или трансформација не смеат да бидат политички украси и пароли без завршница. Тие имаат смисла само ако водат кон мерлив напредок и подобар живот на граѓаните.
На крајот, државата не се состои од институции, закони и згради. Државата се нејзините граѓани. Ако младите заминуваат, ако довербата се губи и ако надежта се намалува, тогаш секоја стратегија останува само документ, а секоја реформа само збор.
Системот постои заради граѓаните, а не граѓаните заради системот. Народот не бара нови пароли. Народот бара надеж заснована на дела.
Токму затоа најголемата обврска на секоја власт не е да објаснува зошто нешто не е направено, туку да покаже што е направено, што ќе биде направено и кога граѓаните ќе ги почувствуваат резултатите.
А Македонија, и покрај сите промашувања, тешкотии и разочарувања, има право на таква надеж. Не надеж од ветувања, туку надеж изградена врз одговорност, знаење, работа и резултати.
(Авторот е дипломиран економист во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


