Транспортери протестираа пред поранешната фабрика „ФЕНИ“, им должи два милиони евра
Денеска протестираа транспортерите кои возеа за поранешно „Фени“. Побараа исплата на два милиона и сто илјади евра. Ова го истакна , Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ – Кавадарци. На мирниот протест денеска во центарот на Кавадарци, транспортерите дојдоа со своите товарни возила.
Препорачано
Пеовски појасни дека ова е мирен протест на транспортерите кои возеа за поранешно „Фени“, барајќи си ги парите. Тој рече дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.
– Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но до ден-денес нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство, рече Пеовски.
Тој додаде дека бараат средба со надлежните во државата, за да се изнајде решение за нивниот проблем.
– Ние нема тука да застанеме, туку во периодот што следува ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, се до остварување на нашите барања, рече Пеовски.
Фабриката „ФЕНИ индустри“, која произведуваше преработки од никел и беше еден од најголемите македонски индустриски капацитети, отиде во стечај во 2017 година.


