Трамп повикува на продажба на Си-ен-ен: Спорот за купувањето на „Ворнер брос дискавери“ продолжува
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека сака да се осигура дека телевизиската мрежа „Си-ен-ен“, која тој со години ја обвинува дека им служи на своите демократски противници нарекувајќи ја „непријател на народот“, ќе го смени сопственикот како дел од продажбата на нејзината матична компанија „Ворнер Брос Дискавери“, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Американската медиумска и забавна група, која е сопственик на Си-ен-ен, стана предмет на спор меѓу нејзините потенцијални купувачи, конкурентот „Парамаунт Скајденс“ и стриминг-гигантот „Нетфликс“.
Под водство на Дејвид Елисон, син на милијардерот Лари Елисон, сојузник на Трамп, „Парамаунт Скајденс“ предлага да го купи целиот „Ворнер Брос Дискавери“, вклучувајќи го и Си-ен-ен.
Според понудата на „Нетфликс“, Си-ен-ен наместо тоа би останал посебен субјект кој би котирал на берзата.
За време на вчерашната дискусија во Белата куќа, Доналд Трамп рече дека мрежата треба да биде дел од договорот за аквизиција или да се продаде одделно.
„Мислам дека Си-ен-ен треба да се продаде затоа што луѓето што ја водат во моментов се нечесни, тие се некомпетентни“, рече поранешната ѕвезда на ријалити-шоуа, враќајќи се на своите вообичаени реторички средства за медиумите.
Тој рече дека лично ќе биде вклучен во одлуката на владата за аквизицијата, нешто многу невообичаено, ваквите прашања генерално се оставаат на Министерството за правда.
Според американските медиуми, двајцата потенцијални купувачи, кои претседателот Трамп ги опишува како „добри компании“, се обратиле до Белата куќа за да ја обезбедат неговата поддршка за нивните понуди.
Републиканскиот милијардер долго време отворено е непријателски настроен кон Си-ен-ен и другите големи медиуми, обвинувајќи ги за лажење, ширење „лажни вести“, како што сака да ги нарекува, и често напаѓајќи ги на социјалните медиуми и на други места.
Неговото инсистирање Си-ен-ен да падне во пријателски раце се чини дека оди во прилог на кандидатурата на „Парамаунт Скајденс“.
Откако Дејвид Елисон ја презеде функцијата во август, телевизиската и филмска група ja назначи Бери Вајс, фигура на „анти-будното“ новинарство, за главен уредник на Си-би-ес њуз, уште една цел на постојаните вербални навреди од Трамп.
Телевизијата, исто така, одлучи кратко пред да ја преземе функцијата да го објави крајот на „Лејт шоу“, вечерната емисија на Стивен Колберт, кој никогаш не се двоумеше да го критикува сегашниот претседател.
Сепак, Трамп повторно го нападна „Парамаунт“ во понеделникот затоа што му дозволи на „Си-би-ес њуз“ да емитува интервју со неговиот поранешен сојузник, сега негов ривал, пратеничката Марџори Тејлор Грин.
Се смета дека „Нетфликс“, за разлика од „Парамаунт“, има врски со демократите. Неговиот коосновач Рид Хејстингс е голем донатор на опозициската партија.


