Трамп: Ќе одам во рајот
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека неговите претходни сугестии оти можеби нема да стигне во рајот всушност биле кажани на шега, објави „Пи-би-ес њуз“.
Препорачано
Обраќајќи се на Националниот молитвен појадок, тој ги обвини медиумите дека буквално ги пренеле неговите претходни зборови за задгробниот живот, сугерирајќи дека неговото чувство за иронија не било пренесено во известувањето.
Ова е тактика што Трамп честопати ја користи кога неговите изјави ќе предизвикаат реакции што тој не ги очекувал, се обидува да ги ублажи без да признае дека можеби погрешно се изразил.
„Само се забавував“, рече Трамп за своите претходни коментари.
За рајот додаде: „Навистина мислам дека веројатно треба да стигнам таму. Мислам, не сум совршен кандидат, но направив навистина многу добро за совршените луѓе.“
Трамп го нарече републиканскиот пратеник „идиот“
Тој зборуваше за републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки, кој понекогаш гласа спротивно на линијата на партијата.
На почетокот од своето обраќање во четвртокот, Трамп ја допре темата на законодавството и рече дека републиканците најчесто се обединуваат по извесни договарања, сите, освен Меси.
„Што и да направиме, овој идиот, без разлика што е тоа… Ќе имаме 100 отсто поддршка освен од овој човек по име Томас Меси. Нешто не е во ред со него,“ негодуваше Трамп.
Меси, пратеник со либертаријански ставови, го налути претседателот бидејќи тврдеше дека Трамп нема овластување да ги напаѓа иранските нуклеарни локации без одобрение од Конгресот, гласаше против големиот пакет даночни и буџетски кратења на Трамп и се залагаше за објавување на досиејата за Џефри Епстин.
„Не спијам во авиони“
Присетувајќи се на патување во Ирак за време на својот прв мандат, Трамп рече дека не сака да спие за време на долги летови.
„Не спијам во авиони. Не сакам да спијам во авиони. Знаете, сакам да гледам низ прозорецот, да внимавам на ракети и на непријатели, всушност“, им рече на присутните на Националниот молитвен појадок.
Трамп честопати ги минува долгите летови во странство разговарајќи со советници, објавувајќи содржини на својата социјална мрежа и честопати оди во делот од авионот каде што се новинарите за да одговара на нивни прашања.


