Бед Бани и Кендрик Ламар / Фото: Profimedia

Доделени музичките награди „Греми“: Бад Бани испиша историја, а Кендрик Ламар e апсолутен победник на вечерта

Синоќа се одржа 68. доделување на престижните музички награди „Греми“, во арената „Крипто.ком“ во Лос Анџелес, со што беа одбележани најдобрите музички остварувања во периодот од август 2024 до август 2025 година. Церемонијата за последен пат беше емитувана на телевизиската мрежа Си-би-ес и стримувана на „Парамаунт плус“. Со ова симболично се затвори едно долгогодишно телевизиско поглавје во историјата на наградите.

Јужноафриканскиот комичар Тревор Ноа ја водеше церемонијата шеста година по ред, воедно и последен пат како домаќин. Со препознатливиот саркастичен и интелигентен хумор, Ноа уште еднаш ја балансираше забавната и сериозната страна на вечерта, често алудирајќи на политичките и општествените тензии во САД и светот.

Кендрик Ламар / Фото: KEVIN WINTER / Getty images / Profimedia

Најголем победник на вечерта беше раперот Кендрик Ламар, кој втора година по ред ја понесе титулата најнаградуван изведувач. Тој освои вкупно пет „Греми“-награди, меѓу кои и наградата за снимка на годината за „Luther“, како и признанијата за најдобра мелодична рап-изведба и најдобар рап-албум за „GNX“. Со ова, Ламар го надмина Џеј-Зи и стана најнаградуваниот хип-хоп артист во историјата на Греми наградите.

Историски момент на вечерта приреди Бад Бани, чиј албум „Debí Tirar Más Fotos“ стана првиот албум целосно отпеан на шпански јазик што ја освоил наградата за албум на годината. Во емотивниот говор, Бад Бани ја посвети наградата на имигрантите, испраќајќи силна порака за човечност и солидарност, во контекст на актуелните општествени тензии во САД.

Бед Бани / Фото: Matt Winkelmeyer / Getty images / Profimedia

Наградата за песна на годината им припадна на Били Ајлиш и нејзиниот брат Финијас за „Wildflower“. Со оваа победа, тие се изедначија како најуспешни изведувачи во оваа категорија во историјата на наградите Греми, а Ајлиш се израмни и со Адел по бројот на освоени награди во главните категории.

Британската пејачка Оливија Дин ја освои наградата за најдобар нов изведувач, потврдувајќи го својот статус како едно од најперспективните нови имиња на светската сцена.

Оливија Дин / Фото: Amy Sussman / Getty images / Profimedia

Во меѓувреме, „Chromakopia“ на Тајлер, д’Криејтор ја доби новововедената награда за најдобра насловна обвивка на албум, што ја истакна и визуелната креативност како сè поважен дел од музичкото авторство.

Песната „Golden“ од филмот „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters) влезе во историјата како прва кеј-поп песна што освоила Греми, победувајќи во категоријата за најдобра песна напишана за визуелни медиуми.

Легендарниот режисер Стивен Спилберг ја освои наградата за најдобар музички филм како продуцент на документарецот „Музика од Џон Вилијамс“ (Music by John Williams). Со ова, Спилберг стана 22. личност во историјата што го постигнала т.н. ЕГОТ статус — освојување на наградите Еми, Греми, Оскар и Тони во текот на кариерата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот