Трамп формира фонд од 1,8 милијарди долари за политичките сојузници „неправедно таргетирани“ од администрацијата на Бајден
Администрацијата на Доналд Трамп формира фонд од 1,776 милијарди долари за негови сојузници кои тврдат дека биле неправедно таргетирани од претходната администрација, објави „Си-ен-ен“.
Препорачано
Фондот беше формиран откако Трамп ја повлече тужбата вредна 10 милијарди долари против американската Даночна служба. Во тужбата тврдеше дека службата не ги заштитила неговите доверливи даночни документи и даночните податоци на „Трамп огранизејшн“, деловната групација на неговото семејство, од неовластено протекување во јавноста.
Трамп нема да добие пари од фондот, но Министерството за правда соопшти дека ќе добие формално извинување.
Фондот е претставен како механизам против политичка злоупотреба на државните институции, односно против користење на државниот апарат за пресметка со политички противници. Неговата вредност од 1,776 милијарди долари е симболична алузија на 1776 година, годината на американската независност.
Критичарите предупредуваат дека фондот може да овозможи исплата на државни пари на луѓе политички блиски до претседателот. Со него ќе управува комисија од пет члена, кои сè уште не се именувани, а Трамп ќе има право да ги разреши.
Министерството за правда тврди дека нема да има партиски услови за поднесување барања. Пријавите ќе се разгледуваат до 15 декември 2028 година, еден месец пред крајот на вториот мандат на Трамп.
Случајот е чувствителен бидејќи Трамп ја поднел тужбата како приватен граѓанин, а не како претседател, против агенција што е дел од извршната власт со која самиот раководи.
Ова не е прва спогодба со сојузници на Трамп. Мајкл Флин доби повеќе од еден милион долари во спогодба со Министерството за правда, а сличен договор постигна и поранешниот советник Картер Пејџ.
Речиси 100 демократи од Претставничкиот дом веќе го обвинија Трамп за „очигледно лично користење на функцијата“, а се очекуваат и судски оспорувања од демократите и организациите што го следат работењето на власта.


