Белата куќа / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Милијардата за балската сала на Трамп заглави во Сенатот

Предлогот да се обезбедат една милијарда долари за безбедносни надградби на Белата куќа и новата балска сала на американскиот претседател Доналд Трамп не ги помина процедурните правила во Сенатот, објави „Асошиејтед прес“.

Одлуката е удар за републиканците, кои се обидуваа средствата да ги вклучат во поширок пакет за финансирање на имиграциските служби и граничната заштита во следните три години.

Службата за правила во Сенатот оценила дека проектот е премногу голем и комплексен за да биде вклучен во буџетски пакет што републиканците сакаат да го усвојат со просто мнозинство.

Средствата требало да покријат безбедносни подобрувања поврзани со новата балска сала, но и други делови од комплексот на Белата куќа, меѓу кои нов центар за проверка на посетители, дополнителна обука за агенти и засилувања за големи настани.

Републиканците најавија дека ќе го преработат текстот и повторно ќе се обидат да го внесат предлогот во законскиот пакет.

Демократите ја поздравија одлуката и ги обвинија републиканците дека се обидуваат трошокот за проектот на Трамп да го префрлат врз даночните обврзници.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека републиканците сакале Американците да ја платат „балската сала на Трамп вредна една милијарда долари“, но дека демократите го блокирале првиот обид.

Републиканците, пак, тврдат дека самата балска сала ќе се гради со приватни донации, а дека федералните пари се бараат само за неопходни безбедносни надградби.

Поширокиот пакет во кој требало да влезат средствата е вреден околу 72 милијарди долари и е наменет за финансирање на имиграциските и граничните служби до крајот на мандатот на Трамп.

Делот за безбедноста на Белата куќа бил додаден откако Тајната служба побарала дополнителни средства, по случајот во кој маж беше обвинет за обид за атентат врз Трамп на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа минатиот месец.

Одлуката на сенатската службеничка е советодавна, но ваквите мислења речиси секогаш се почитуваат кога Сенатот работи на закони што треба да поминат со просто мнозинство.

Иако предлогот за Белата куќа засега е блокиран, најголемиот дел од имиграцискиот пакет останал недопрен. Демократите најавија дека ќе се спротивстават и на секоја нова верзија на законот.

Демократскиот сенатор Џеф Меркли порача дека граѓаните не треба да платат „ниту еден цент“ за, како што ја нарече, балската сала на Трамп.

Милијардери и шефови на технолошки гиганти го придружуваат Трамп во Кина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот