Анита Топалова Исајловска- в.д. републички јавен обвинител- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тополова-Исајловска најсериозен кандидат за главното обвинителско столче

Обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која сега е вршител на должност, е најсериозен кандидат да седне на главното обвинителско столче на местото на обвинителот Љупчо Коцевски, кој си даде оставка, непосредно пред да биде разрешен.

По низа критики, откако власта успеа да го тргне Коцевски, на огласот што го распиша Собранието се пријавија петмина кандидати, тројца обвинители, Тополова, обвинителката што ги води случаите во кои е обвинета владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ленче Ристоска и обвинителката од скопското обвинителство Лидија Раичевиќ. За републички јавен обвинител се пријави и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савески и разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски.

Амбиција за републички јавен обвинител имаше и поранешниот шеф на скопското Вишо јавното обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој водеше жестока битка со Коцевски и со обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство и нивните бонуси, но на крајот се премисли и не поднесе кандидатура. Меѓу обвинителите што се споменуваа, по мера на власта беа и обвинителите Јован Цветановски и Златко Биковски, но ниту тие на крајот не поднесоа кандидатура. Па од имињата што се пријавија во Собранието, како фаворит на власта се споменува Тополова-Исајловска. Премиерот Христијан Мицкоски сепак јавно не посочи „кој му е фаворит“.

-Колку што знам сега постапката е да се произнесе советот на јавни обвинители, па потоа владата ќе се произнесе – кажа кратко Мицкоски.

Анита Топалова Исајловска- в.д. републички јавен обвинител- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Обвинителката веќе двапати присуствуваше на Советот на јавни обвинители, но одлучи да не комуницира со новинарите, а уште помалку да дава изјави. Таа беше единствен кандидат за вршител на должност и од Советот доби едногласна поддршка.

-Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 2009 година е избрана за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје. Од 2013 година е избрана за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, додека во 2016 година за еден од јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – стои во нејзината биографија.

Нејзиното име беше во фокусот на јавноста кога како републичка обвинителка од Врховниот суд бараше да падне предметот „Талир“, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиното образложение што не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година.

Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.

Mу била заменик на  Коцевски, на неговиот претходник Љубомир Јовески, како и на тој пред него, Марко Зврлевски. Според медиумските архиви, во 2011 година таа ја отфрлила кривичната пријава на „Транспаренси интернешенл“ против тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии. Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.

За прв обвинител во државата се кандидираше и обвинителката Ристоска, која ги води предметите „Талир“ во кои ја гони владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа се пријави и за судија од Македонија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, но власта го поништи изборот во кој Ристоска беше меѓу тројцата финални кандидати.

Ленче Ристоска/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Во последните недели особено, Ристоска беше мета на силен притисок од власта и линч во провладините медиуми. Таа го пријави премиерот Христијан Мицкоски во Советот на јавни обвинители, а поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

Долгогодишната обвинителка Раичевиќ конкурира по вторпат за републички обвинител, му беше противкандидат на Коцевски, но Советот не ѝ ја даде поддршката. Иако беше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во 2018 година Советот не ја реизбра во ова Обвинителство и фактички беше деградирана и работи како обвинител во Скопското обвинителство.

Лидија Раичевиќ

Меѓу пријавените е и судијата Ненад Савески, кој е судија во Кривичниот суд од 2016 година, а кратко претходно, според јавно објавената биографија, работел како обвинител. Контроверзна е кандидатурата на поранешниот претседател на Кривичен, кој иако беше разрешен од судиската функција и осуден, реши да се кандидира.

Ненад Савески – Фото: Социјални медиуми

Најсериозните обвинувања против него се однесуваа на злоупотреба на Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети (АКЦМИС). Според обвинението поднесено против него, во периодот додека раководеше со Кривичниот суд, тој незаконски влијаел врз распределбата на предметите, со што се овозможувало тие да завршуваат кај однапред одбрани судии. За ова дело беше осуден на затворска казна, иако предметот помина низ повеќе судски инстанци и повторувања на постапката.

Судскиот совет тогаш го разреши Панчевски од судиската функција, оценувајќи дека неговото постапување сериозно го нарушило угледот на судството. Во јавноста беше забележан и друг случај, во кој против него беше изречена пресуда за мобинг кон судски службеник.

Владимир Панчевски

Од Собранието велат дека тие не ги разгледуваат кандидатурите и дека само ги испраќаат во Владата, а потоа процедурата ја спроведуваат Владата и Советот на јавни обвинители. Собранието ќе остави простор од два-три дена за евентуални пријави што се навреме пратени по пошта, а потоа кандидатурите ќе ги прати до Владата.

Според Законот за јавно обвинителство, Владата треба да побара мислење за сите кандидати од Советот на јавни обвинители, односно не може да се избере кандидат ако Советот не го оцени позитивно.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

– Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, на барање на Владата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата на Република Северна Македонија доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон. Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија доставува предлог за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител на Република Северна Македонија, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија – стои во Законот.

Собранието на 12 јануари распиша оглас и со тоа започна постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Пријавување трае 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот