Анита Топалова Исајловска- в.д. републички јавен обвинител- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Обвинителката Тополова – Исајловска не комуницира со новинарите – дали ќе се кандидира за местото на Коцевски?

Со поддршка од в.д. републичката јавна обвинителка Анита Тополова – Исајловска и Советот на јавни обвинители, новиот шеф на најголемото скопско обвинителство Анел Фидоски даде заклетва дека функцијата ќе ја врши чесно, совесно и непристрасно, со надеж дека ќе одолее на политичките притисоци како што било досега, во неговата дванаесетгодишна обвинителска кариера.

Тополова – Исајловска која е член по функција на Советот и која од петмината кандидати единствено за Фидоски го даде својот глас, дојде и на свечената заклетва, но како минатиот пат кога се бираше шеф на скопско обвинителство, така и денеска одби било каква комуникација со новинарите, а уште помалку изјава.

Анита Топалова Исајловска- в.д. републички јавен обвинител- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа беше избрана во Советот на јавни обвинители за вршител на должност откако Љупчо Коцевски си даде оставка, непосредно пред да го разреши власта. Сега во Собранието е отворен огласот за поднесување на кандидатури за јавен обвинител, но до в.д. обвинителката нема пристап за да се постави прашањето дали таа ќе конкурира на отворениот оглас отворен на 12 јануари.

Фидоски се надева дека ќе одолее на притисоци

-Сме имале контакти нормално сме работеле претпоставувам зошто ја дала за мене довербата видела дека јас сум таа личност што може да одговорам на овие предмети, дали е така ќе видиме во иднина – рече Фидоски.

Новиот шеф на скопското обвинителство се надева дека како и досега ќе одолее на политичките притисоци.

Анел Фидоски – нов раководител на Скопско јавно обвинителство – Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-Веќе 12 години сум јавен обвинител, сум одолеал до сега на притисоци и се надевам дека ќе одолеам и од сега на такви притисоци – рече обвинителот.

Тој не доставил програма до Советот на јавните обвинители бидејќи тоа не било задолжителен услов, но членовите уште тогаш кажаа дека тој ги убедил да му дадат доверба со интервјуто.

-Се уште не сум седнал за да знам со што се соочувам. Ќе треба да видам што има заостанато, на што ќе треба да му се даде приоритет. Ќе видиме со кои предмети, со која тежина на предмети ќе се соочиме, финансиски криминал пред се, злоупотребите – рече тој.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

Кога конкурираше и кога беше избран, за неговата кариера се споменуваше застарувањето на предметот „Тенковски делови“ во кој беше обвинет поранешниот премиер Владо Бучковски, но и застарувањето на предметот за малата Тамара која почина чекајќи операција на рбетот во странство. За Бучковски тој го преквалификуваше делото и случајот застаре.

Откако сега дојде на повисока функција, Фидоски вели дека тоа не биле само негови лични одлуки туку донесени на највисоко ниво и реферирани пред Републичкото јавно обвинителство.

Анел Фидоски – нов раководител на Скопско јавно обвинителство – Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Застарувањето за „Тенковски“ и малата Тамара не беше само моја одлука

– Јас не сум го застарел предметот, туку таков беше текот на постапката. Го преквалификував делото и тогаш давав изјава и образложив зошто сум го направил тоа. Тој предмет е рефериран на највисоко ниво, тие предмети се чувствителни за јавноста, така да тие предмети се реферирани на највисоко ниво, пред републичкото обвинителство, одлуката не е само моја – вели Фидоски.

По оставката на Коцевски почна бранот на промени на клучните раководни места во Обвинителството. По завршувањето на мандатот на досегашниот шеф на Скопско, Гаврил Бубевски, на негово место седнува Фидоски. Празно е и местото шеф на Вишото скопско обвинителство кое остана обезглавено откако суспендираниот Мустафа Хајрулахи, за кого се водеше дисциплинска постапка си поднесе оставка. Токму Хајрулахи и поранешниот осудуван претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, кој беше правосилно осуден, засега се единствени пријавени на огласот за местото на Коцевски.

Рокот за поднесување на кандидатури истекува наредната недела и наскоро веќе треба да се знае кој ќе го замени Коцевски, односно кој кандидат ќе го предложи Владата до Собранието. Топлова беше едногласно избрана во Советот како единствен кандидат.

Свечена заклетва на нови раководители на Скопско и Тетовско јавно обвинителство- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Која е Тополова – Исајловска

Името на Топoлова – Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Таа бараше Врховен да го укине решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиното образложение кое не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.

Според медиумските архиви, во 2011 година, таа ја отфрлила кривичната пријава на „Транспаренси интернешнел“ против тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии. Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот