„Тома“ и „Гучи“ ја вратија публиката во кино салите: Носталгијата за филм гледан на големо платно сепак постои!

Toma/House of Gucci/Instagram
Toma/House of Gucci/Instagram

Иако кино индустријата лека полека закрепнува од влијанието на пандемијата, (кое сепак уште е актуелно и остави последици на работењето на кино салите), сепак има интересни поместувања во однос на интересот за одредени филмови.

Кога ќе помислам на кино сала, помислувам на многу луѓе, пуканки, собирање пред и по проекцијата, разговор за филмот, муабетења… Но, откако се случи пандемијата, некако кино културата замре, најмногу поради протоколите кои нужно бараа затворање на кино салите и неможност да се следат филмови како што треба, а тоа е пред голем екран со сите ефекти и задоволства кои киното ги носи.

Иако класичните блокбастери и понатаму привлекуваат најголем број од гледачите, сепак во киното се врати „стариот сјај“ и публиката која сака да погледне нешто друго, освен марвелови јунаци, пустински дини, хорори и специјални ефекти.

Најсвеж пример се два филма од светско и регионалното подрачје, кои според гледаноста и интересот, навистина ја враќаат публиката во кино салите. Можеби се работи за некаква носталгија или поврзување со  оние стари ритуали на „одење во кино“ кога навистина ова искуство беше настан, вистински настан.

Ваков пример е  филмското остварување „Куќата на Гучи“, филмот во режија на Ридли Скот во кој Лејди Гага и Адам Драјвер се во главните улоги. Филмот собра речиси 22 милиони долари и е со најдобар резултат низ годиниве за филмска драма, според Box Office. Филмот ужива голема гледаност, а најголема причина за тоа е улогата на Лејди Гага, според публиката.

Куќата на Гучи/ Instagram
Куќата на Гучи/ Instagram

Во регионов, балканската публика имаше шанса да го изгледа филмот „Тома“, кој ја обработува животната приказна на еден од најпознатите српски боеми, пејачот Тома Здравковиќ, кого го глуми актерот Милан Мариќ,  во режија на Драган Бјелогрлиќ. Освен што привлече многу публика, овој филм беше проектиран во киносалите со соодветен оркестар на почетокот на проекциите за да се „приближи“ до музичката приказна од сценариото и со голем ефект – публиката споделуваше видеа од оркестарот на социјалните мрежи и ја поздравуваше оваа идеја. Филмот дури беше и незаконски споделуван на социјалните платформи поради големиот наплив гледачи кои покажаа невиден интерес во првите денови од премиерата.

Луѓето сепак се „жедни“ за филм и кино искуство. Можноста да го видат филмот во сала е поинакво и би рекла единствено искуство кога е „споделено“ со останатите гледачи во кино салата. Моќта на филмската магија е уникатна кога филмот е пренесен како што му прилега – на голем екран и со силен аплауз потоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот