Тодоровски: Да се биде во Топ 5 во Европа е огромен успех за македонскиот ПСС Рејсинг Тим!

Франко Џиролами (најлево) и Виктор Давидовски (најдесно) заедно со креаторот на ТЦР концептот и директорот на ТЦР Европа, , Марчело Лоти/Фото: facebook.com/pssracingteam

Годинава значителен напредок имаше македонскиот „ПСС Рејсинг Тим“ („PSS Racing Team“) во најсилното европско тркачко натпреварување, ТЦР Европа.

Виктор Давидовски e шампион во „Дијамант“ купот (возачи над 40 години), а неговиот тимски колега Франко Џиролами од Аргентина е европскиот вицепрвак за оваа година.

Тимот со сите напори се потруди да оствари добар резултат, ја имаше најуспешната сезона освојувајќи 484 бодови, најмногу откако се натпреварува.

Во конкуренција на 14 тимови, „ПСС Рејсинг“ се најде на петтата позиција, воедно најдобри во конкуренција на тимови што возат автомобили „Хонда“.

Европскиот вицешампион Франко Џиролами од ПСС Рејсинг Тим/Фото: facebook.com/pssracingteam

Давидовски на крајот во конечниот пласман ја освои 16 позиција со 95 поени, додека Џиролами на втората позиција со 353 бодови, зад шампионот кој доаѓа од Шпанија Микел Аскона.

– Ова е четврта сезона во која што учествуваме со тоа што во минатата (трета) настапивме само на две трки бидејќи не можевме да патуваме поради ситуацијата со ковид-19. Оваа сезона е најголем напредок за нас, и за Виктор, и за тимот заедно, тоа е резултат на континуитет, на работа со прави луѓе, со еден од врвните луѓе во овој спорт.

Братот на Франко Џиролами, Нестор е возач од светскиот шампионат, тој се нафати како тренер-коучинг и соработката со него и Франко е бесцената. На тоа најмногу се должи нашиот успех и инженерот кој е на Нестор во светскиот шампионат е и наш инженер во европскиот. Така што со тие луѓе од врвот на браншата оваа година направивме навистина квантен скок.

Виктор Давидовски од ПСС Рејсинг Тим/Фото: facebook.com/pssracingteam

Речиси секоја трка бевме во Топ 10, да речеме максимум за ова некое наше ниво, со тоа што ние сме аматерски тим. Покрај другите кои се професионални, со професионални возачи, но да се биде меѓу најдобрите десет е навистина огромен успех за нашиот тим – ни изјави тим менаџерот на „ПСС Рејсинг Тим“, Александар Тодоровски.

Покрај желбата и мотивацијата да се направи одличен резултат, секако важна улога треба да имаат финансиите како клучен фактор:

Конечниот пласман во ТЦР Европа 2021 кај возачите и тимовите/Фото: Принтскрин/europe.tcr-series

– После ковид ситуацијата која и натаму е актуелна, бидејќи клубот е најмногу поддржан од финансискиот ПСС, која е компанија на Виктор, собра сили да инвестира во две коли, во ширење на тимот, Нестор како коуч, инженерот Самјуел Канка, итн., сето тоа чини многу.

Но, Виктор собра сили оваа година иако е тешка и за бизнис и за сè друго за да го прошири тоа, инвестираше значителна сума на пари, и еве резултатот се гледа. Франко покажа одличен резултат, би требало сега со тој негов резултат да добие и дополнителна поддршка, годинава беше поддржан исклучиво од нас, значи тоа ќе олесни нешто.

Виктор Давидовски („ПСС Рејсинг Тим“) е освојувач на трофејот во „Дијамант“ купот/Фото: facebook.com/pssracingteam

Се надевам дека и тој клупски пласман во конкуренција на професионални клубови високо поддржани со огромни буџети, да се вмешаме во тие први пет, би требало да значи еве и за некои наши идни спонзори, или еве и ако државата помогне малку, тој буџет на исто ниво скрпи и за следната година.

Виктор како единка собра сили, но автомобилизмот не е тој врвен, зависен да се одржува со приватни пари. Да, тој оваа година имаше огромна инвестиција, се надеваме дека идната година за ова ниво ќе продолжиме во ваков континуитет дека воедно од неколку страни ќе се потпомогне, дека ќе најдеме дополнителен извор на финансирање за да продолжиме макар исто затоа што тоа не е одржливо на долгорочни стази да се финансира од џеб – се зборовите на Тодоровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот