Вилнус, фото: Википедија

„Тоа ќе биде централна точка за балтичките држави“, велат од Владата по одлуката Македонија да отвори амбасада во Литванија

На предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Владата донесе одлука за отворање амбасада на Македонија во Република Литванија, со седиште во Вилнус.

Според образложението, воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа значајна пријателска земја.

„Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес“, соопштија од Владата.

Како што посочуваат од Владата, Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава која континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Македонија.

„Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна, во ноември 2023 година, да отвори Канцеларија во Скопјe“, стои во соопштението на Владата.

Со оваа одлука, Амбасадата на Македонија во Варшава престанува да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Република Литванија на нерезидентна основа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот