Тиранска средба: Инструкции за уставните измени или пи-ар „платформа“ на Рама
Нема никаква конспирација за средбата на премиерот на Албанија Еди Рама со лидеритe не партиите на Албанците во Македонија, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи и додаде дека утре во Тирана, на новогодишниот коктел, ќе се разменат мислења за предизвиците што претстојат во регионот.
Препорачано
Некои аналитичари, пак, средбата ја оценуваат како еден од политичките маневри што се дел од пи-ар стратегијата на Рама, а која, всушност, нема да има никаков ефект надвор од границите на Албанија.
Османи: Рама е докажан пријател на Македонија
„Годинава очигледно ќе биде година на предизвици за регионот. Сепак, сè уште се наоѓаме во година во која има војна во континентот, во која постојат бројни регионални предизвици, како и заеднички аспирации на двете земји за продолжување на преговорите за членство во ЕУ. Нема некоја предвидена агенда, туку новогодишна средба со цел посакување успех во годината која што е пред нас. Во тој контекст ја гледам средбата, рече вчера Османи на средбата со новинарите.
Според Османи, премиерот на Албанија е докажан пријател на Македонија и тој тоа го докажал во текот на овие години и месеци преговори со Бугарија, кога буквално, некогаш на сметка и на интересите на Албанија, ги кажуваше позициите и на Република Северна Македонија во тој дел.
„Навистина не сметам дека треба да се создава некаква конспирација по однос на овие средби. Сите средби каде што се разменуваат ставови се добри за регионот, рече Османи.
За информацијата дека претседателот на Беса Билал Касами може да не учествува на средбата, бидејќи не сакал да седи на иста маса со лидерот на ДУИ Али Ахмети, Османи рече дека разбира зошто партиите имаат интерес да ги искористат сите ситуации за стекнување политички поени, но дека некогаш тоа ги преминува сите граници.
„Се покажува дека нема веќе осврт и фокус на вистинските искрени интереси на државата и сето ова излегува само партиски и политички интерес. Тие треба да се изјаснат, да се произнесат пред нивните гласачки тела и јавноста бидејќи, според мене, ова веќе преминува во немање искрен стил во однос на дејствувањето, рече Османи.

Бујар Османи
Незири: Обид да наметне патерналистички однос
Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека и средбата пред шест години и таа која се очекува да се реализира утре, се во служба на зацврстување на имиџот на Рама како регионален политички фактор.
„Тој во последните години се обидува да наметне патерналистички однос со политичките субјекти надвор од Албанија, какви што се тие во Косово, Северна Македонија или во Црна Гора. Не дека многу е заинтересиран што се случува надвор од Албанија, туку еден ваков профил на регионален лидер му носи поголема поддршка внатре, во неговата земја, и посилни позиции во однос со меѓународниот фактор. Од 2013 година Рама е на власт, но во последен период неговиот рејтинг е опаднат, а во меѓувреме ги разниша односите и со САД и со ЕУ. Затоа мислам дека и оваа средба е еден од политичките маневри кои се дел од неговата пи-ар стратегија, која нема да има никаков ефект надвор од границите на Албанија, смета Незири.
Албанскиот премиер Рама ги поканил лидерите на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и на ДПА Мендух Тачи, на неформална средба во Тирана. Присуството на средбата го потврдија сите лидери, освен Касами, за кого поканата е прифатлива, но за него е неприфатливо да седи на иста маса со Ахмети.
Како што веќе објавивме, според партиски брифинзи, иако станува збор за неформална средба, очекувањата се дека неизбежно ќе биде да се отворат темите за ситуацијата во Косово во насока да се зачува стабилноста таму, но и тензичната ситуација да не се прелее во Македонија и во регионот. Очекувањата се дека ќе се разговара и за стабилноста на Владата во Скопје, уставните измени што се приоритет за власта годинава во контекст на евроинтеграцискиот пат на земјава и на Албанија.

Ескалира војната меѓу „огнените“ и министрите на ДУИ
По средбата на „огнената група“ со партиската структура во Студеничани викендов, ескалира војната меѓу „огнените“ и министрите од ДУИ. Откако потпретседателот на ДУИ и еден од „огнените“ Изет Меџити му порача на Ахмети дека се со него, но и да не го гори јорганот за една болва, алудирајќи на првиот вицепремиер Артан Груби, тој му врати со видео, на кое Ахмети преку песна им порача „ајде да тргнеме понапред од злото“. Меџити видеото на Ахмети го смета за безобразна злоупотреба и за доказ дека ДУИ дефинитивно мора да се ослободи од узурпаторите, платениците и од неспособните.
Османи за критиките на „огнените“ рече дека не коментира неформални оцени за неговата и за работата на министрите.
– ДУИ е партија што има свои органи и е единствена партија што има шест органи кои прават внатрешна проверка на работата. Таму се прават процените и се носат одлуките. Ако коментираме неформални коментари, тогаш кога ќе имаме време да работиме – рече Османи.


