Тинејџер од Индија измислил уред кој ќе ја подобри грижата за луѓето со деменција

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/hemeshch

Летото 2018 година Хемеш Чадалавада го поминал со својата баба во нејзиниот дом во Гунтур, јужна Индија. Една вечер, додека Чадалавада, кој тогаш има 12 години, седел сам пред телевизорот, неговта баба отишла да свари чај.

Откако се вратила во својата спална соба, Чадалавада отишол во кујната и открил дека неговата 63-годишна баба, го оставила гасот вклучен.

„Неодамна ѝ беше дијагностицирана Алцхајмерова болест, но јас сè уште бев во шок. Што ќе се случеше да не бев таму?“ вели Чадалавада.

Чадалавада ја познавал својата баба како динамична, успешна жена, која имала кариера од висок профил како државен службеник, во интеракција со врвни политичари и креатори на политики во државата Телангана. Но, Алцхајмеровата болест целосно ја променила, пишува „Гардијан“.

„Таа стануваше во 3 или 4 часот наутро и излегуваше надвор, мислејќи дека е во воз“, раскажал тинејџерот.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/hemeshch

За време на тоа среќно лето, Чадалавада, решил да измисли уред за да им помогне на луѓето како неговата баба.

Сега на 17-годишна возраст, Чадалавада е подготвен да започне со производство на уред (Алфа монитор) кој открива кога луѓето со Алцхајмерова болест ќе паднат или заскитаат, што е подалеку од можностите на уредите што се достапни во моментов.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/hemeshch

Лесниот и компактен Алфа монитор, кој може да се носи како значка или лента за на рака, вклучува аларм кога оној што го носи почнува да се движи и го предупредува негувателот ако пациентот падне или залута.

Едно семејство го барало својот татко две години откако тој залутал. Никогаш не го нашле и на крајот се откажале. Повеќето слични уреди работат со помош на Ви-фи или Блутут, така што кога некое лице се движи надвор од ограничениот опсег на нивните фреквенции, врската се губи, а со тоа и следењето. Но, Алфа мониторот може да открие лице оддалечено повеќе од 1,5 километри во градовите и 5 километри на село, благодарение на технологијата со долг дострел, позната како ЛоРа (LoRa).

Поучувајќи се со видеа на Јутјуб за роботиката и електрониката, Чадалавада развил 20 прототипови.

За да ги разбере потребите на луѓето со Алцхајмерова болест (од кои Индија има околу 8,8 милиони), тој поминал време во дневен центар управуван од Здружението за Алцхајмерова болест и сродни нарушувања во Индија.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/hemeshch

Мониторот ги мери и пулсот и температурата и ги потсетува луѓето кога да земаат лекови. Но, Чадалавада работи на тоа да оди уште подалеку со својот изум, да ги предвиди моделите на движење на пациентот, користејќи технологија за машинско учење.

Во 2022 година тој победил 18.000 пријавени и освоил грант од 10 милиони рупии (100.000 фунти) од натпреварот „Samsung Solve for Tomorrow“ и му биле доделени некои од врвните инженери на „Самсунг“ како ментори.

Во март, кога ќе завршат училишните испити на Чадалавада, тој планира да го заврши мониторот, со цел уредот да биде подготвен за пазарот до септември. Тој е категоричен дека треба да се продава по прифатлива цена за повеќето луѓе.

Чадалавада се надева дека ќе студира роботика на универзитет во странство. Неговата цел е едноставна: „Сакам да создавам производи за да им помогнам на луѓето во Индија и целиот свет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот