„Тиндер за десничари“: Француски „патриоти“ бараат љубов на новата апликација за запознавање
„Директно до срцето“ (Droite au Coeur) е првата апликација за француските десничари кои се во потрага по љубов. Слична како на најпозната апликација за запознавање „Тиндер“, оваа алатка станува сѐ попозната во Франција, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
„Патриотизмот никогаш не бил толку романтичен“ е мотото на „Директно во срцето“, а истомислениците на оваа апликација можат да си ги споделат своите политички и општествени разбирања, со цел полесно да се поврзат на емотивно ниво.
Апликацијата е креирана од Стефани и Јохан Павер, „инфлуенсери“ со конзервативни разбирања, кои го започнале овој бизнис на почетокот на јуни, најпрво само за компјутерите, а кратко потоа во употреба била пуштена и мобилната верзија.
? Droite au Coeur, le nouveau site de rencontre pour patriotes est enfin disponible. L’application mobile sera accessible le 17 juin. Bienvenue sur Droite au Coeur ➡️ https://t.co/vKZFEOVoDZ pic.twitter.com/2B5TPldQyb
— Droite au coeur (@CoeurDroite) June 3, 2023
Целта на платформата е да се „поврзат жените и мажите кои се гордеат од својата држава и делат исти вредности, како француската држава и христијанските корени“.
„Едукација, култура и религија, нашите корени се тие кои се на наша страна во борбата против деструктивното и нездравото општество кое повеќе не нѐ отсликува“ се вели на страната.
Платформата ги нарекува своите корисници „чувари и бранители на општеството“, а себеси како „едно големо семејство“.
Иако „Директно до срцето“ не е поврзана со ниту една политичка партија, веб-страната е промовирана од страна на Бруно Атал, кој се кандидираше на претходните избори во 2022 година и Патрик Либрехт, директор на Институтот за социјални, економски и политички науки, кој е спонзориран од најголемиот противник на францускиот претседател Емануел Макрон, крајнодесничарката Марин Ле Пен.

Кога се креира профилот, корисниците мора да дадат информации за нивната етничка припадност, нивното семејство и нивната религија. Мора да се внесат неколку политички идеали и вредности, кои се согласуваат со традиционалните и конзервативните ставови.
Корисниците исто така мора да ја истакнат важноста на религијата, дали пушат цигари, и дали сакаат да имаат деца. Се разбира, постојат и класични прашања како на другите апликации за запознавање, како оние дали бараат краткорочни или долгорочни врски.
„Директно до срцето“ е достапно за сите жители на Франција, само треба да се наречеш „патриот“, тоа е сѐ.


