Влада на РМ- зграда / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тим-билдинг во хотел со четири ѕвездички – само по потреба: Владата тврди дека обуките се редовна пракса секоја година

Од Владата велат дека договорот е сукцесивен, без обврска обуките да се реализираат доколку нема реална потреба и интерес, а и дека станува збор за редовна годишна набавка. Минатата година набавката не се реализирала, тврдат оттаму, додека, пак, претходните години вакви обуки се предвидувале и се спроведувале.

Деновиве во медиумите беше објавено дека Генералниот секретаријат на Владата планира да потроши околу 80.000 евра за тридневни тим-билдинзи и за обуки за административни службеници во Охрид, Берово и во Струмица.

Според објавениот оглас на Бирото за јавни набавки, обуките се наменети за вработени од повеќе области – канцелариско и архивско работење, односи со јавноста, јавни набавки, финансии и ревизија, како и дигитални вештини со основи на вештачка интелигенција.

Предвидени се седум групи од по 15–25 службеници, а набавката вклучува сместување во хотели со минимум 4 ѕвездички, два полни пансиона, превоз со туристички автобуси од „Илинденска“ до хотелите и еднокреветни соби. Проценетата вредност на набавката е околу 5 милиони денари.

Од Владата за „Слободен печат“ велат дека „објавената вест изминатите денови е манипулативна и неточна, не станува збор за каков било тим-билдинг, туку за редовна јавна набавка“.

„Обуките за административни службеници се во функција на континуирано стручно усовршување на вработените, како и нивно професионално надградување и реализирање во работниот процес во најважните области: управување со човечки ресурси, јавни набавки, канцелариско и архивско работење, финансии, сметководство и ревизија, односи со јавност, протокол и преведување, дигитализација и дигитални вештини за административни службеници со основи на вештачка интелигенција, примена на закони и на општа управна постапка, управни спорови и работни спорови, заштита на лични податоци,“ велат оттаму.

Од Владата додаваат дека договорот е сукцесивен, без обврска обуките да се реализираат доколку нема реална потреба и интерес, а и дека станува збор за редовна годишна набавка. Минатата година набавката не се реализирала, велат, додека, пак, претходните години вакви обуки се предвидувале и се спроведувале.

Но, од Владата не одговорија конкретно како ќе се мери ефектот од обуките врз работата на администрацијата, ниту, пак, зошто критериумот за избор на изведувач е исклучиво најниската цена, без бодирање на квалитетот на програмите и на предавачите.

Не добивме одговор ниту зошто обуките мора да се одржуваат во хотели со 4 ѕвездички и надвор од Скопје.

Хотелот не смее да е под 4 ѕвездички: Вработените во Владата ќе одат на „тим билдинг“ во Охрид, Берово и Струмица за 80 илјади евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот