Тетовка низ град оди само со ултразвучен апарат за заштита од кучиња, трауматизирана од напад од куче се тужи со Општината

Фото: Слободен печат

Тетовката Ана Марија Блажевска веќе една година не излегува од дома без ултразвучен апарат за заштита од кучиња скитници, откако лани беше нападната од бездомно куче кое и остави длабока рана на ногата.

Таа минатата година излегувајќи од работа, била нападната од бездомното животно.

„Откако излегов од работа кај „Тетекс“ фабриката без да има некои знаци од кучињата дека ќе ме нападнат, едно куче ме касна за ногата. Среќа имаше случајни минувачи кои застанаа со возило и ги избркаа кучињата, затоа што имаше цела глутница на кучиња, кои ако ме нападнеа мислам дека ќе имав големи последици. Јас сум голем љубител на кучиња и после оваа случка која што се случи, можам да кажам дека имам траума, дека денеска кога и да пројдам покрај улични кучиња имам нелагодност, оти не е мала повредата која ја добив од кучето“, изјави Ана Марија Блажевска.

Поради здобиената повреда и доживеаните трауми, Ана Марија Блажевска решила да ја тужи општината. Предметот го добила, но локалната власт ја обжалила сумата, која судот одлучил да и се исплати на Блажевска како оштета.

Од Општина Тетово вчера објавија Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња. Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

„Имајќи ја во предвид состојбата со бездомните кучиња во нашиот град и воопшто во државата, како и се почестите напади, Општина Тетово донесе Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња. Правилникот во кој е објаснета целата процедура е објавен на веб страната на општината, заедно со барањето кое оштетеното лице треба да го пополни и достави преку архивата до Комисијата за постапување по барања за надоместок на штета составена од стручни лица, како лекари трауматолози и лекари од областа на психијатријата, изјави Милена Вучевска, портпарол на Општина Тетово.


Ана Марија Блажевска
вели дека проблемот со кучињата скитници треба да биде решен, а не да се носат правилници и да се водат судски спорови со општината.

„И тука каде што сега зборуваме долж целата главна улица насекаде има кучиња, во ниеден случај не треба да се обвинуваат кучињата, оти милам дека локалната власт и воопшто државата се најголемите виновници за оваа состојба. Оти кога би имале стационари, кога би биле сите тие кучиња згрижени, не би имале вакви инциденти. Сметам дека општината треба да поработи на тоа, да се реши проблемот со кучињата, зошто да се тужиме и да носиме правилници за исплата на тие средства кога би требало да се реши овој проблем од корен“, рече Блажевска.

Полицискиот билтен на СВР Тетово секоја недела е полн со информации за напади на луѓе од кучиња скитници. Ретко кој ја тужи општината поради долгите судски процедури, како во случајот со Ана Марија Блажевска.

Но, и голем број од нападнатите кои веќе го добиле спорот не се надеваат на исплата, која треба да ја изврши Јавното Комунално претпријатие, но немаат како, оти подолго време претпријатието е со блокирана жиро сметка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот