Тешката животна приказна на легендарната Арета Френклин

Арета Френклин во 1967 година / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Познатата соул-пејачка, композиторка и пијанистка Арета Френклин ја загуби тешката битка со ракот на панкреасот пред четири години и го остави светот во тага и недостиг по нејзиниот величенствен глас, пишува „Стил“.

Арета Френклин е родена на 25 март 1942 година, како петто дете на баптистичкиот свештеник Кларенс Ла Вон Френклин и пејачката Барбара Сигерс. И покрај тоа што нивното семејство било многудетно, тоа не било доволна причина за да го зачуваат бракот, па Кларенс и Барбара се развеле кога Арета имала само шест години. По разделбата на нивните родители, петте деца се преселиле кај баба им Рејчел Френклин, жената која им била најголема поддршка во моментот нивната мајка Барбара починала по кратко, но тешко боледување. Во тој момент, Арета имала десет години.

„Не се ни сеќавам каков ми беше животот кога мама и тато беа заедно. Паметам дека многу често се расправаа и дека јас и сестрите ја пуштавме најгласната музика за да не ги слушаме грдите зборови кои си ги упатуваа еден на друг. Можеби звучи грубо, но ми беше драго кога се разделија, а нам нѐ испратија кај баба ми, кога со љубов ја нарекувавме Голема мама“, раскажала своевремено пејачката.

По смртта на мајка ѝ и заминувањето на татко ѝ, Арета била препуштена на самата себе.

„Кога мајка ми почина, јас пораснав преку ноќ . Баба ми и тетка ми се грижеа за нас, но тоа не беше тоа. Немав детство во класична смисла на зборот, се грижев за моите сестри и тие се грижеа за мене. Сепак, не е исто кога навистина не чувствуваш никаква родителска љубов“, открила Арета, која почнала да пее на тринаесет години, а на четиринаесет години го снимила својот прв албум со црковна музика наречен „Songs of Faith“.

Меѓутоа, во истата година кога го издала својот прв албум, Арета останала бремена и морала да се повлече од музиката извесно време. Таа никогаш не сакала да зборува за бременоста, а фактот дека по две години повторно останала во блажена состојба ги навел медиумите да помислат дека Арета имала афера со оженет човек.

„Станав мајка многу млада. Го родив синот Кларенс кога имав четиринаесет години, а Едвард – две години подоцна. Никогаш не им кажав кој е нивниот татко и никогаш нема да им кажам. Знам дека тоа е себично, но тоа е тајна која ќе ја чувам дури сум жива“, раскажала таа, која во подоцнежниот живот се каела за грешките од гладоста.

За да продолжи со музичката кариера, која ѝ била многу важна, Арета ги оставила синовите кај баба ѝ Рејчел. Иако во тој момент тоа ѝ делувало како совршено решение, подоцна оваа постапка ја доживувала како фатална грешка.

„Фразата: „Младост, лудост“ е вистинита. Знам дека во тој момент не бев добра мајка, направив грешка со тоа што ги оставив синовите кај баба ми, но немав избор. Ми беа потребни пари за да ги исчувам, а сѐ што знаев беше да пеам. Ништо не им недостасуваше во материјална смисла, но жалам што им ја ускратив мајчинската љубов и се обвинувам себеси што не учествував во нивното воспитување. Подоцна, кога застанав на нозе и станав некој и нешто, дадов сѐ од себе за да им се посветам. Тие се моите златни момчиња“, изјавила пејачката.

Тед Вајт и Арета Френклин во 1968 година/ Фото: Roger Bamber/ANL / Shutterstock Editorial / Profimedia

И додека нејзината кариера одела во нагорна линија, а луѓето сѐ повеќе ја обожавале, нејзиниот љубовен живот бил прилично турбулентен. На почетокот од шеесеттите години на минатиот век, таа страсно се заљубила во семејниот пријател Тед Вајт. Иако татко ѝ бил против оваа врска, Арета и Тед се венчале во 1961 година.

„Татко ми беше против нашата љубов и беше многу лут кога дозна дека ќе се омажам за Тед, но никогаш не ми било грижа за туѓото мислење. Бев сонувач и длабоко верував дека ќе бидеме заедно до крајот на животот. Ние прекрасно се разбиравме, но кога се роди нашиот син Теди во 1964 години, ние се отуѓивме. Се обидовме да го спасиме бракот, но нашата бајка заврши по девет години. Не бев тажна, но мислев дека после него веќе никогаш нема да се заљубам. Мислев дека таму е крајот, бидејќи ме учеа дека се сака само еднаш. Тоа уверување не е точно бидејќи после Тед јас се заљубив ште многу пати“, се присетила Арета.

По разводот со Тед Вајт, поради кој не патела многу, Арета започнала врска со човекот кој ѝ ги организирал турнеите – Кен Конгинхан. Во тоа време, медиумите пишувале дека Кен бил причината поради која Арета се разделила од Тед Вајт. Арета и Кен биле во љубовна врска која траела седум години, а во тој период станале родители на синот Келф.

„Нас нѐ обедини страста за музиката. Ние бевме многу добри пријатели, а потоа сфативме дека има хемија меѓу нас. По долго време, јас се почувствував како вистинска жена во неговите раце. Тој беше љубезен и тивок. Ме привлече иако претходно не ми се допаѓаа такви мажи. Ми ја врати вербата во љубовта и ми покажа дека е можно да сакаш некого безрезервно. Синот Келф е плод на нашата љубов, почит и разбирање, чувства кои траат и ден-денес. Сепак, по седумгодишна врска, ние сфативме дека е подобро да се разделиме и да се вратиме на претходниот статус – многу добри пријатели“, споделила таа во едно интервју.

Арета Френклин на концерт во 1977 година / Фото: Philippe Gras / Alamy / Alamy / Profimedia

Две години подоцна, Арета го запознала пет години помладиот актер Глин Турман, кој редовно доаѓал во црквата на татко ѝ. И во него се заљубила на прв поглед, а се венчале само неколку месеци откако се запознале. За жал, и тоа поглавје од нејзиниот живот завршило со развод, па затоа решила веќе да не им се предава така лесно на мажите.

Како најмлада во семејството, Арета ги надживеала сите нејзини сестри и брат ѝ. Нејзината сестра Каролин починала од рак на дојка во 1988 година, брат ѝ Сесил починал од рак на белите дробови во 1989 година, сестра ѝ Ерма починала од рак на грлото во 2002 година. Пејачката тешко ја поднесувала секоја смрт во нејзиното семејство, но со текот на времето научила како да живее со таа болка.

„Најтешко ми беше кога почнав да губам членови од семејството. Тогаш срцето ми се кршеше, а душата ми плачеше, иако никој никогаш не ги виде моите солзи“, раскажала пејачката.

Кларенс Френклин со ќерките Арета (лево) и Каролин (десно) / 8 мај 1965 година / Фото: USA TODAY Network / ddp USA / Profimedia

Иако, кога станува збор за нејзиниот глас, никој не можел да ѝ даде негативна критика, сепак Арета не го добивала заслуженото признание поради нејзината раса. Тоа се сменило во 2009 година, кога таа била поканета да пее на инаугурацијата на поранешниот американски претседател, Барак Обама.

„Отсекогаш се борев за расна еднаквост бидејќи мојот народ страдаше многу во овој суров свет. Конечно, пред неколку години, кога Барак Обама стана наш претседател, сфатив дека сите сме еднакви во државата и мило ми е што го доживеав тоа“, изјавила Арета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот