Термобарична бомба е морничавото оружје кое Путин го користи во Украина

Владимир Путин/ Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Специјалната операција на руската армија во Украина би можела да добие застрашувачки пресврт доколку претседателот Владимир Путин одлучи да употреби термобарично оружје против поранешната советска територија, предупредуваат загрижените експерти.

Термобаричното оружје се смета за едно од најбруталните оружја што постојат.

Стравот од употребата на ова оружје во Украина се зголеми откако украинската амбасадорка во САД Оксана Маркарова рече дека за време на конфликтот биле користени вакуум бомби – другото име за оружјето.

Употребата на вакво оружје, кое цица кислород од околниот воздух и создава експлозија со висока температура, допрва треба да биде независно потврдено, додека снимката од Украина покажува термобарична ракета на руските возила „ТОС-1“.

Д-р Маркус Хелиер, висок аналитичар во Австралискиот институт за стратешка политика, рече дека, иако сè уште не е јасно дали Русија го распоредила ова оружје во Украина, тоа е „прашање на време“, пренесува „Гардијан“.

Како функционираат тие?

Ракетите се полни со високо експлозивна мешавина на гориво и хемикалии, кои можат да предизвикаат суперсонични бранови за време на експлозијата, кои можат да уништат сè што ќе и се најде на патот, вклучително и згради и луѓе. Тие се познати и како аеросолни бомби или вакуум бомби.

Меѓу руското оружје што се гледа како се движи кон Киев и други украински градови беа термобарични ракетни фрлачи „TОС-1“.

Тие не се користат за прецизни удари, но можат да се користат за чистење на делови од теренот.

Питер Ли, од Универзитетот во Портсмут, објасни за „Индепендент“ како овие бомби функционирале во 2016 година, откако Русија наводно ги користела во Сирија.

– Замислете длабоко да дишете и потоа да се потопите во вода. Потоа замислете сиот кислород да се исфрли од вашето тело веднаш. Обидете се повторно да вдишете. Но, наместо ладна вода да ви ги наполни белите дробови, отровните, запаливи честички почнуваат да ве убиваат од внатре кон надвор – напиша тој.

Само експлозиите предизвикани од нуклеарни напади се сметаат за полоши. Русија наводно ги користела овие ракети во Чеченија и Сирија.

– Широк опсег на воена опрема е забележана во конфликтот, вклучително и термобарични ракетни фрлачи „ТОС-1“. Иако конфликтот досега беше релативно ограничен, „ТОС-1“ има потенцијал за сериозни прекршувања на човековите права, особено со оглед на историјата на руската употреба (на пр. Чеченија) – напиша на Твитер Јенсен Џонс, специјалист за оружје и артилерија.

Каде се користеа?

Бомбите ги користеа руските и западните сили уште од 1960-тите. Наводно, САД се потпирала на нив во обидите да ја елиминираат Ал Каеда во планините во Авганистан.

Хелиер рече дека Русија има подолго искуство со нив од Западот.

– Русија има широк опсег на системи … од прилично мало тактичко оружје, до огромни бомби лансирани од воздух. Проруските сепаратисти во Донбас ги користат со години – рече Хелиер.

Во 2000 година, „Human Rights Watch“, организација за човекови права, ја осуди нивната наводна употреба од страна на Русија една година претходно во Чеченија како „опасна ескалација“ со „важни хуманитарни импликации“.

Колку е опасно оружјето?

Хелиер рече дека термобаричното оружје е ефикасно во својата „специфична намена“, првенствено „уништувајќи ги одбранбените позиции“.

Иако оружјето нема да се користи за упад во тенк, тоа може да биде многу деструктивно оружје против станбен блок или друга зграда.

Наречен „Буратино“ во однос на руската верзија на Пинокио, поради долгиот зашилен нос, „ТОС-1“ е ракетен фрлач со 24 цевки од 220 мм и едно од најстрашните оружја во рускиот арсенал.

– Тоа не е нелегално, иако неговите ефекти можат да бидат доста страшни, поради ефектот на создавање вакуум и цицање воздух од белите дробови на бранителите – рече тој.

Дејв Мејумдар, уредник на веб-страницата за одбрана „The National Interest“, објасни во 2015 година дека „Буратино може да уништи површина од приближно 200 до 400 метри со една салва“.

– Со други зборови, може со еден удар неколку градски блокови да претвори во руина којашто тлее – рече тој.

ВО ЖИВО | Руско-украинскиот конфликт продолжува, вести од минута во минута

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот