„Тепачката“ за тронот во Стоматолошка комора отиде предалеку – министерот за здравство изврши упад во сите лиценци на стоматолозите
На денот на распишувањето на изборите, во сабота на пладне, министерот за здравство Азир Алиу направи нешто што ниеден негов претходник досега не го направил – ѝ го одзеде овластувањето на Стоматолошката комора да врши континуирана едукација на стоматолозите.
Препорачано
Континуираната едукација на стоматолозите не е избор туку е задолжение, затоа што таа е услов за на секои 7 години стоматологот да ја продолжи лиценцата. А за да ја продолжи лиценцата, стоматологот задолжително треба секоја година да има по 20 поени од едукации, семинари и симпозиуми како услов за продолжувањето.
Токму за овие едукации со кои што голем број на стоматолози во Македонија ги продолжувале лиценците низ годините – од 2006 до 2025 година, министерот за здравство Азир Алиу како од пушка испука дека биле спроведувани од страна на „нерегистрирани здруженија“.
Со ова тој всушност им ги оспори и лиценците на стоматолозите, бидејќи без овие едукации нивните лиценци не би ни постоеле. Вкупно 2.850 доктори по стоматологија моментално имаат активни лиценци за работа. Задолжението за продолжувањето на нивните лиценци го презеде Алиу, а со леснотија ѝ го одзеде на Комората на стоматолози.
Ваквото одземање на овластувањата на Стоматолошката комора може да има сериозни импликации по целиот здравствен систем затоа што и останатите медицински комори едукацијата ја спроведуваат преку т.н. „нелегални здруженија“.
Во што е „нелегалноста“?
Министерот Алиу информираше дека овластувањето на Стоматолошката комора да врши едукација го одзема откако добил извештај од стручна комисија со констатирани неправилности.
Но, Алиу не е тој што има формирано стручна комисија за вршење надзор врз законитоста за овие едукации, потврдуваат извештаите од надзорите во кои имаше увид „Слободен печат“. Тоа го имаат направено неговиот претходник Беким Сали а после него следниот министер за здравство Арбен Таравари.
Надзорот на тогашниот министер за здравство Беким Сали кој инаку е стоматолог, не покажал неправилности.
Но, ова се сменило кога Таравари формирал своја трочлена комисија која заклучила дека стоматолошката комора наводно склучувала незаконити договори со здруженија што „не биле регистрирани во Централниот регистар“ а кои им вршеле обуки на стоматолозите со кои тие добивале сертификати и бодови за продолжување на лиценците.
Стоматолошката комора поднела кривична пријава против членовите на оваа комисија. Но, министерот Азир Алиу нивниот извештај го зеде за крунски аргумент поради кој ѝ го одзеде на Стоматолошката комора овластувањето што го имаше од 2006 година до денеска – да спроведува едукација на стоматолозите.
-Донесов одлука за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, се додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално, соопшти Алиу викендов.
Како и секоја приказна, и оваа има две страни. Според потврдени информации на „Слободен печат“ најголемиот дел од здруженијата кои што ја вршеле обуката на стоматолозите за континуирано стручно усовршување, биле составен дел на најстарото -„Македонско стоматолошко друштво“ и од 2006 до 2025 година работеле со потсметки (наменски сметки) во рамки на друштвото.
Членот 226 од Законот за здравствена заштита баш вака пропишува да се врши континуираното стручно усовршување.
„Македонското стоматолошко друштво преку стручните здруженија организира различни форми на стручно усовршување на здравствените работници и предлага мерки за унапредување на стручната работа на здравствените работници“, е уредено во член 266 од Законот за здравствена заштита.
Иако министерот за здравство рече дека ги одзел овластувањата на комората времено, Законот за здравствена заштита не познава ваква категорија на „времено одземање“. Законот вели дека овластувањето може да се одземе откако одлуката ќе биде објавена во Службен весник што во случајов не е сторено.
Кои се „спорните“ здруженија – едукатори?
Стоматолошката комора избрала три стоматолошки друштва кои во својот состав имале бројни здруженија кои ги изведувале едукациите за лекарите.
Ваквиот начин на акредитација на избрани спроведувачи на друштва датира уште од 2006 година кога прв акредитиран спроведувач биле здруженијата при Македонското стоматолошко друштво. Ваков избор имало и во периодот 2017-2021 година кога потпишаните договори биле во надлежност на тогашниот претседател на Стоматолошката комора професор доктор Владимир Поповски.
Не само Стоматолошкото, туку и Македонското лекарско друштво функционира на идентичен начин. Во негов состав постојат 73 здруженија и ниедно не е правен субјект! Стручните здруженија на Македонското лекарско друштво функционираат во состав на друштвото исто како и здруженијата во состав на стоматолошките друштва. Тие работат со наменски подсметки на Друштвата односно немаат сопствени жиро-сметки туку имаат шифра под која се водат. Идентична е состојбата и во Фармацевтската комора на Македонија.
Стоматолошката комора сепак, побарала од сите избрани спроведувачи на континуираното стручно усовршување до март 2025 година да се регистрираат како посебни правни субјекти иако и понатаму остануваат на ставот дека согласно закон, регистрационата форма е прашање на друштвата.
Комората во март годинава му пишала на тогашниот министер за здравство во заминување Арбен Таравари дека ги суспендирала сите договори со друштвата за периодот од 26 јуни 2024 до 26 јуни 2025 година во делот на здруженијата.
Оттаму на Таравари му напишале допис дека не се склучени 26 туку 5 договори а раскинувањето е по одлука на Уставниот суд.
„Уставниот суд донесе укинувачка одлука што значи дека одлуката има идно дејство а не дејство кое се однесува на минатото. Затоа ве молиме да ни појасните што понатаму да преземе комората а да не е на штета на јавниот интерес и на сите доктори по стоматологија членови на Комората, но и на сите лиценцирани здравствени работници во државата со оглед на тоа дека сите во последните 20-тина години се стекнуваат со лиценци помеѓу останатото и врз основа на посетување на едукативни настани организирани од здруженија кои се во состав на здравствените друштва“, е прашањето до Таравари од Стоматолошката комора упатено на 27 март 2025 година.
Одговор немало. Стоматолошката комора прашала и што да поправи за сертификатите што се доказ за посетените обуки, а на кои што трочлената комисија на Таравари исто така им нашла маана. За истите сертификати пак комисијата на екс-министерот за здравство Беким Сали во 2022 година не најде ништо спорно. Сертификатите за стручно усовршување што Комората не ги издава туку само ги бодува, се и од официјални светски, европски и регионални друштва организирани во странство покрај од македонските здруженија во состав на стоматолошките друштва.
Министерот Алиу викендов на прес-конференцијата изнесе и тврдење дека „Комората ја игнорирала привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“.
-Стоматолошката комора во целост го испочитува решението на Уставниот суд од 21.02.2024 година како и напатствијата дадени од Уставниот суд од 15.05.2024 година со што го прифати мислењето и за истото го извести судот. Како што наведовме, сите претходни решенија се суспендирани и не се во важност, ниту претходно склучените договори произведуваат правно дејство по објавата на одлука на Уставен суд. Уставниот суд донесе укинувачка одлука што значи дека одлуката има про футуре дејство односно од моментот на донесување и објавување во Службен весник па во иднина, стои во дописот од Комората до екс-министерот за здрвство Таравари кој останал без одговор.
За наводно непочитување на одлуката на Уставен суд, според потврдени информации на „Слободен печат“ била поднесена и кривична пријава против претседателот на комората Маријан Денковски и против самата Стоматолошка комора. И Основното јавно обвинителство и Вишото јавно обвинителство ја отфрлиле оваа кривична пријава со што се потврдило дека нема основ за покренување на кривична постапка.
Две фракции во Стоматолошката комора со години меѓу себе се тужат, се пријавуваат во инспекции и се „тепаат“ за тронот, а со политички притисоци издејствувано е сега едната од нив да влијае врз Азир Алиу и да се случи ситуација без преседан – лиценци издавани на буквално сите стоматолози во државата да бидат доведувани во прашање благодарение на тоа што Алиу ѝ подарил доверба на едната од фракциите.
Прашање е што сега ќе излезе од отворената „Пандорина кутија“, бидејќи и едукациите во другите македонски медицински комори за сите лекари во Македонија се изведуваат на ист начин – преку здруженија во состав на друштва, голем дел од кои не се регистрирани во Централниот регистар како посебни субјекти, туку функционираат со наменски сметки.


