Темната страна на увозот на странска работна сила- полулегални агенции ја злоупотребуваат положбата на работниците од Азија
Некои работодавачи во неможност дома да најдат работници, се нафаќаат на вакви договори, но потоа стануваат свесни дека по неколку месеци ќе се најдат повторно во истата ситуација, бидејќи Македонија, веќе е докажано, е само отскочна штица за заминување во некоја од европските земји, вели Зоран Кочоски, сопственик на Корпорацијата „Коузон“
Полупрофесионални агенции за вработување ја злоупотребуваат положбата на дел од странските работници што доаѓаат од далечните земји нудејќи им работа во земјава. Уште еден аспект на ваквото регрутирање, а кој ја допира „темната страна“ на овие активности, е ризикот од трговијата со луѓе, бидејќи најголемиот дел од увозните работници доаѓаат од сиромашни земји, па прифаќаат многу ниски плати.
Препорачано
Дел од експертите посочуваат дека и во Македонија постојат несовесни работодавачи, кои се подготвени да ангажираат странци за минимална плата, но и да ги користат како поевтина работна сила за да ги отпуштат домашните работници. Некои работодавачи во неможност дома да најдат работници, се нафаќаат на вакви договори, но потоа стануваат свесни дека по неколку месеци ќе се најдат повторно во истата ситуација, бидејќи Македонија, веќе е докажано дека е само отскочна штица за заминување во некоја од европските земји, објаснува за „Слободен печат“, Зоран Кочоски, сопственик на Корпорацијата „Коузон“, која има над триесетгодишно искуство за посредување за работа во странство.
– Увоз на работна сила од земјите од третиот свет е тешка операција. Да донесеш работник од Индија, Пакистан или Бангладеш чини околу 2.000 евра, бидејќи треба да му обезбедиш сместување, храна, авионски билет, разни дозволи, медицински прегледи, а работодавачот мора да ја плати и провизијата на посредничката агенција. На тие луѓе треба да им обезбедите и интеграција во социјалниот и во здравствениот систем во Македонија. Многу увезени работници влегуваат со туристичка виза и работат на црно и затоа се ранливи и се цел на „ловците на пари“. Веќе неколку години нашата држава се соочува со сериозен недостиг на работна сила во градежништвото, угостителството, транспортот, но сè уште нема сериозна државна стратегија како да го поставиме увозот на работната сила, која ќе биде перманентно присутна и ќе даде вистински економски раст на земјата. За да се постави системот, треба многу работа, но за жал сè уште нема соодветни институции да го одработат тоа, а бирократијата е гломазна и бавна. Процесот е многу сложен, има бирократски процедури и трае долго време. Затоа и инцидентно доаѓаат странски работници во Македонија, или индивидуалци од повеќе страни на светот, но мора да поставиме систем кој успешно ќе функционира – вели Кочоски.
Платите за дел од „увезените“ работници се движат од 350 до 500 евра, односно изнесуваат малку повеќе од минималната плата во земјата, па затоа земјава им е само една од станиците на патот кон нивната цел. Проблемот е што има многу чекање во целата оваа постапка, па додека да ја добие дозволата се случува да им истече дозволата за престој на работникот и процедурата мора да почне од почетокот.
Сопственикот на „Коузон“ е дециден дека не смее да се дозволи сива зона во увозот на странски работници, оти тоа може скапо да ги чини и работодавачите што сметаат на нив и така ја проектираат својата работна иднина.
– Дел од газдите ги прифаќаат „непристојните“ понуди од полулегалните агенти, кои дури им нудат дека ќе им платат за да обезбедат работници. Но, треба да се знае дека оние што плаќаат 3 до 5.000 долари за да ја напуштат својата сиромашна татковина, ќе гледаат да го фатат патот кон некоја европска земја – предупредува Кочоски.
Тој потсетува на една негова претходна изјава за примерот со Албанија, каде што пред некоја година дојдоа работници од Египет. Потоа, дури 70 отсто од нив ја напуштиле земјата, со што Албанија останала без завршени проекти и дополнително добила казнени пенали од Европската Унија.


