Темната страна на легализацијата: Бројот на сообраќајни несреќи поради возење под дејство на канабис скокнал за 475 отсто

Фото: Пекселс/aphiwat-chuangchoem

Истражувањето на канадските научници покажа загрижувачки тренд откако марихуаната беше легализирана во 2018 година, а потоа нејзината продажба беше комерцијализирана.

Годишната стапка на посети на ургентните центри по сообраќајни несреќи поврзани со употребата на канабис скокнала за 475,3 отсто за 13 години, според новата студија на болницата во Отава, Институтот за истражување Бриер и ICES, пишува „Еурекалерт“ (EurekAlert).

Студијата ги проучи посетите во ургентните центри поради повреди поврзани со канабис помеѓу 2010 и 2021 година, а потоа ги разгледа промените предизвикани од легализацијата на марихуаната во октомври 2018 година во Канада.

– Нашето истражување го истакнува загрижувачкиот пораст на повредите од сообраќајни несреќи поврзани со канабис со текот на времето, со особено видлив скок по фазите на легализација и комерцијализација. Од друга страна, повредите во сообраќајните незгоди поврзани со употребата на алкохол не се зголемија во тој период, што укажува на тоа дека легализацијата на марихуаната одиграла значајна улога во овој скок – рече д-р Даниел Миран, соработник на ICES и главен автор на студијата, инаку матичен лекар и соработник на Институтот за истражување Бриер.

Трудот, објавен во „JAMA Network Open“, ги испитува медицинските извештаи од 947.604 посети на итна помош по сообраќајни несреќи. Податоците се од јануари 2010 до декември 2021 година и ги исклучуваат лицата помлади од 16 години бидејќи немаат право да возат.

– Зголемениот број на сообраќајни несреќи поврзани со канабис укажува на поголем тренд на возење под дејство на канабис. Студијата ја нагласува потребата од превенција, едукација и промени на правилата – рече д-р Миран.

Како што се наведува, најголем процент од лицата кои предизвикале сообраќајни незгоди возејќи под дејство на канабис се мажи на возраст од 19 до 21 година и со помали примања.

Сепак, нагласуваат истражувачите, рано е да се извлечат заклучоци за влијанието на канабисот врз безбедноста на патиштата, бидејќи за време на пандемијата на улиците имало помалку возила, а бројот на истражени несреќи сè уште не е превисок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот