ТЕЛОХРАНИТЕЛ НА ТИТО ОТКРИ МАЛКУ ПОЗНАТИ ДЕТАЛИ: Лажниот атентат и љубопитниот службеник кој ѕирнал во новчаникот на маршалот

Александар Ањоли, сараевчанец со италијанско потекло, двапати годишно, од 1975 до 1978 година, бил лично обезбедување на Јосип Броз Тито додека ловел дивеч на ловиштата во близина на местото Бугојно, објави „Курир.рс“.

Ањоли се присети на неколку интересни детали. Тогашните политичари во една прилика позирале со Тито пред кожа на убиена мечка, која била закачена на ѕид. Не треба да се спомене дека мечката ја застрелал токму Јосип Броз.

За да ја опушти атмосферата, Тито, пред да светне блицот, се пошегувал на за него карактеристичен начин, вели Ањоли.

– Другари и другарки, само што добив вест дека другарот Николај Чаушеску на Карпатите уловил поголема мечка од оваа на ѕидот. Што мислите ние малку повеќе да ја растегнеме нашата мечка за и понатаму да биде најголема заловена мечка во Европа – рекол лидерот на Југославија.

Тито уживал во ловот. Секогаш имал три пушки, но најдрага му била пушката „винчестер“.

Имал, според кажувањата на Ањоли, тој имал стандардни процедури пред тргнување на лов.

Броз се будел околу четири часот наутро, за да провери какво ќе биде времето. Потоа шетал околу вилата Горица, на терасата пиел кафе, пушел кубанска пура и ги прелистувал весниците. Потоа во близина на вилата го испробувал оружјето.

Интересно е да се напомене дека весниците за Тито во вилата Горица стигале со хеликоптер, а цигарите директно од Фидел Кастро. Ањоли памети дека пурите биле во алуминиумска амбалажа на која пишувало: „Од Кастро за Тито“.

Александар Ањоли не се нашол случајно во обезбедувањето на Тито. Тогаш работел во Службата за државна безбедност. Сите оние кои биле во близина на маршалот, од куварите до келнерите и кројачите, никогаш не биле случајно избрани.

Ањоли вели дека биле проверувани по речиси илјада пати. Таква процедура минал и тој, а можеби олеснителна околност му била тоа што своевремено бил најмладиот секретар на Сојузот на комунистите на Југославија, кога имал само 19 години.

За Тито вели дека е голем човек. Во контактот со луѓето, воопшто не бил препотентен.

– Имаше осумдесет години, а секое утро сам се бричеше – вели тој.

Додава дека случајно дознал дека Тито во новчаникот воопшто немал пари. Еднаш кога маршалот тргнал кон местото Ливно, сфатил дека го заборавил новчаникот. Тоа било единствената причина едно возило да се издвои од колоната и да се врати кон резиденцијата. Човекот кој бил испратен да го земе новчаникот бил љубопитен и погледнал во него.

– Во новчаникот имало само партиска книшка, лична карта и уште некој личен документ – вели Ањоли.

За доаѓањето на Тито во Бугојно, тие коишто требале да го знаат тоа, го знаеле еден месец однапред. Во тој период тајно се проверувало и под секој камен. За тоа како работело обезбедувањето на Тито најдобро говори следниот пример.

Еден фотограф на сараевскиот весник „Oslobođenjе“ заедно со возач тргнале на службен пат кон Бугојно. Во близина на ова гратче застанале поради нужда и го побарале најблиското дрво покрај патот за да се олеснат.

За брзо, од никаде се појавил вооружен полицаец, кој ја вперил автоматската пушка во нив.

– Тие му ги покажале акредитациите, му рекле кои се и што се, а тој не сакал ништо да слушне, па им рекол: Можеби вашите акредитации важат за време на возењето, но во шумава тие не ви вредат – се сеќава Ањоли.

Фотографот и возачот се приведени, а набрзо потоа и пуштени на слобода. Сепак, не било сѐ совршено. Ањоли вели дека обезбедувањето еднаш направило пропуст во Зеница. Таму, се собрала голема бројка на луѓе за да го видат Тито.

Додека колоната на возила поминувала низ Зеница, од едно од возилата мавтале Тито и Јованка. Сосема неочекувано, еден човек се доближил до возилото и внатре фрлил нешто.

– Човекот фрлил само купче од писма кое паднало во скутот на Јованка – вели Ањоли.

Тој човек бил работник во железарата во Зеница, од каде што добил отказ. Се жалел на сите и им пишувал писма, но за неговиот проблем немало решение. Затоа, тој ги собрал сите писма, ги врзал и чекал Тито да дојде во неговиот град. Тој мислел дека маршалот ќе му помогне, но наместо тоа е приведен, а се зборувало и дека се обидел да изврши атентат.

Тоа било најголемиот проблем во кариерата на Ањоли. Набрзо потоа Тито повеќе не доаѓал во Босна и Херцеговина. Последен пат заедно пиеле кафе кај Бикавац, кога Тито доаѓал на годишнината од битката на Сутјеска.

– За некои работи сѐ уште не треба да се зборува, а можеби и никогаш нема да бидат раскажани – завршува Ањоли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот