Сцена од претставата „Која е Лорет?“

Театарот за деца и младинци ќе ја изведе премиерата на инклузивната претстава „Која е Лорет?“

Во Театарот за деца и младинци – Скопје на 29 декември, во 19 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Која е Лорет“, наменета за публика на возраст од 6 години нагоре.

„Која е Лорет?“ е претстава што го истражува прашањето на идентитетот и припадноста, отвора простор за разбирање на различностите и ја поттикнува публиката да го препознае и прифати другиот.

Во фокусот на приказната е Лорет – девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку една особина, туку преку сите улоги што ги живее: ќерка и сестра, ученичка и пријателка, актерка, режисерка и сликарка… Таа е дете со соништа, таленти и емоции, кое го сака истото што го сака секое друго дете – да биде видено, прифатено и сакано.

Преку средбите со семејството, врсниците и светот што ја опкружува, Лорет го поставува едноставното, но суштинско прашање: кои сме ние навистина и дали другите нè гледаат онакви какви што сме. Претставата ги повикува децата да размислуваат за тоа дека идентитетот не е една единствена карактеристика, туку мозаик од сè она што сме и што можеме да бидеме.

„Која е Лорет?“ испраќа јасна порака дека прифаќањето се учи, дека различноста се живее и дека секое дете има право на свое место во светот. Со внимателно изграден театарски јазик и емотивен пристап, претставата отвора важни прашања на начин разбирлив и близок за најмладата публика.

Претставата е работена по текстот на француската авторка Флоранс Кадије. Режијата е на Драгана Милошевски-Попова, а драматизацијата на Милена Деполо. Идејното решение за сценографијата, куклите и костимите е на Ирина Сомборац, музиката ја потпишува Сашко Костов, а асистент на режија и стручен соработник е Драгана Таневски.

Во претставата настапуваат: Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

Премиерата на „Која е Лорет?“ е дел од репертоарската програма на Театарот за деца и младинци – Скопје, насочена кон современи и општествено релевантни теми обработени преку уметнички израз наменет за деца и млади.

Со премиерата на претставата „Која е Лорет?“ се заокружува програмата на Театарот за деца и младинци – Скопје за 2025 година, година во која институцијата одбележува 35 години од своето постоење. Во текот на годината, театарот ја реализираше својата програмска визија преку континуирано создавање нови детски и младински продукции, унапредување на квалитетот на изведбите и отворање на нови уметнички и организациски поглавја.

По повод јубилејот, Театарот за деца и младинци – Скопје издаде и краток каталог како надополнување на монографијата објавена по повод 30-годишнината од основањето на театарот. Каталогот го документира периодот од изминатите пет години и го бележи континуитетот и напредокот во работењето на институцијата, вклучително и развојот на продукцијата за деца и млади, како и започнувањето на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, како една од најзначајните нови активности во овој период. Публикацијата претставува сведоштво за растот и зрелоста на театарот како институција посветена на својата публика и на долгорочното градење на театарска уметност за деца и млади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот