„Те молиме, не гладувај веќе, немаш сила“: Лекари и студенти ја молат Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад
Денеска одевме до клиниката, параметрите и понатаму се стабилни, но мораме да изразиме загриженост за нејзиното здравје. Прашање е на момент кога нејзиното здравје ќе се урне, изјави ветеранот Ненад Станиќ за Дијана Хрка која штрајкува со глад веќе четиринаесетти ден.
Ветеранот Ненад Станиќ, еден од оние што ја чуваат Дијана Хрка, изјави дека се загрижени за нејзиното здравје и дека е прашање „кога уште повеќе ќе се наруши“, објави „Н1“.
Препорачано
„Денеска одевме до клиниката, параметрите и понатаму се стабилни, но мораме да изразиме загриженост за нејзиното здравје. Прашање е на момент кога нејзиното здравје ќе се урне. Утре повторно, односно секој ден, ќе ја возиме на клиника. Таа прима потребни инфузии и тоа е она што можам да го кажам во однос на здравјето“, рече тој, додавајќи дека и денеска лекарите предложиле да остане во болница, но таа одбила.
Тој рече и дека Дијана е „здраворазумна, присебна и стабилна“ и дека сè ќе биде како што ќе одлучи таа.
Станиќ наведе и дека Дијана „не е киднапирана“, како што пренеле „поединечни медиуми“, и дека тие, ветераните, се тука да ја чуваат и штитат.
Исто така, Здружението на здравствени работници на Србија денеска ја повика Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад и во соопштението наведе дека „целосно“ ги поддржува студентите на Медицинскиот факултет во Белград кои исто така апелираа до неа да прекине со штрајкот.
Во соопштението, тие нагласуваат дека и професионално и од аспект на хуманост, ја молат Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад и, како што наведоа, „заедно да ја продолжат борбата“.
„Како здравствени работници, ја повикуваме Дијана Хрка да ги слушне студентите по медицина и нас бунтовните здравствени работници“, наведоа тие.
Според нивните изјави, секој живот е важен, а особено животот на Дијана Хрка, „во оваа игра на исцрпеност“.
„Ве молиме, слушнете ги студентите по медицина, разбираме дека можеби помалку ни верувате, но слушнете ја паметната иднина на оваа земја“, наведоа тие во соопштението.
Студентите во блокадата на Медицинскиот факултет во Белград синоќа апелираа до Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад.
Денеска е 14-ти ден откако Хрка, чиј син беше меѓу 16-те што загинаа при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, започна штрајк со глад во близина на српскиот Парламент.


